Вести
News and press releases
Вести и соопштенија за јавноста од глобалните активности на ОБСЕ
16 дена активизам против родово базирано насилство 2024 Активности на Мисијата на ОБСЕ во Скопје
Publishing date: 24 ноември 2024
24 ноември: Централен настан на ОБСЕ: „Насилство врз младите жени и девојки: сексуално вознемирување, демнење и контролирачко однесување“ Време и место: 12:00-14:30, Лабораториум, Skopje Овој настан има за цел да ги идентификува и обрне внимание на реалните предизвици при спречувањето и гонењето насилство врз младите жени и девојки, фокусирајќи се ниската стапка на обвиненија и истраги. Клучни теми на кои ќе се разговара се подигање на свеста за сексуалното вознемирување, демнењето и контролирачкото однесување како родови форми на насилство како и разбирање за долгорочното влијание на овие злодела врз благосостојбата и развојот на младите жени и девојки. Ќе биде прикажан видео материјал создаден во соработка со Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, по што ќе се одржи дебата со чинителите. Централен дел на настанот ќе биде потпишувањето на Декларација на намери, со која ќе се отслика јавната заложба за борба против насилството врз младите жени и девојки. Декларацијата задава десет акциски точки со конкретни мерки кои Мисијата на ОБСЕ во Скопје ќе ги поддржи во 2025 година. Помеѓу учесниците кои се поканети да ја потпишат Декларацијата се претседателката на Северна Македонија, министерката за образование, претставници на локални училишта, младински организации и невладини организации активни во борбата за ставање крај на насилството врз жените. На настанот ќе се обратат претседателката на Северна Македонија и министерката за образование. Шефот на Мисијата на ОБСЕ нема да присуствува на настанот од здравствени причини, но ќе има видео-обраќање. Заменик-шефицата на Мисијата на ОБСЕ ќе ја модерира воведната сесија. 25 ноември: Почетен настан за 16 дена активизам против родово базирано насилство организиран од ОН (настан со поддршка на ОБСЕ) Време и место: 19:30-22:30, Музеј на Град Скопје Настанот на кој ќе се претстават повеќе платформи, финансиски поддржан од Мисијата на ОБСЕ, ќе промовира единство при разрешувањето на насилството врз жени и девојки. На него ќе се одржат панели за отворени дискусии со претставници од партнерските организации на ОН како и билатералните донатори, младински активисти, невладини организации и медиуми. Ќе биде прикажан краток документарен филм за родово базирано насилство, а ќе биде изложена и уметничко-просторната инсталација „Прегрнати лузни“ на Мартина Спасовска. На панел-дискусијата ќе учествува заменик-шефицата на Мисијата на ОБСЕ. Јавна седница на Собраниската комисија за еднакви можности на жените и мажите на темата за насилство врз жени и девојки Време и место: 10:00-12:00, Собрание, Скопје На покана на претседателката на Комисијата, шефот на Мисијата ќе има видео-обраќање пред Комисијата, додека заменик-шефицата ќе присуствува лично. 27 ноември: Работилница за дискутирање за експертската анализа поддржана од Мисијата на ОБСЕ за „новите форми за спречување трговија со луѓе фокусирани на ранливите групи, вклучително и жени, препораки и главни загрижености ” Време и место: 10:00-14:30, хотел Арка, Скопје (затворен настан) Трговијата со луѓе несразмерно влијае врз жените и девојките поради нивната ранливост на родово базирано насилство. Трговците со луѓе честопати ги искористуваат родово базираните нееднаквости. На оваа работилница ќе се истражат стратегии за спречување трговија со луѓе, посебно со ранливи групи, вклучително и жени. Оваа сесија ќе обезбеди алатки за Националниот известувач за борба против трговија со луѓе за набљудување превентивни дејствија и ризици. Експертката Марија Тодоровска ќе ја води работилницата. 28-29 ноември: Обука за адвокати за правата на жртвите во случаи на трговија со луѓе Време и место: 10:00-16:00, хотел Арка, Скопје (затворен настан) Обуката има за цел да ги подобри капацитетите на адвокатите да застапуваат жртви на трговија со луѓе, со фокус на жени и девојки тргувани заради сексуална експлоатација и принуден труд. На сесијата ќе се обрне внимание на разликите помеѓу криумчарењето и тргувањето мигранти, со акцент на ризиците со кои се соочуваат раселените жени и девојки. Сесијата ќе ја водат Маја Конеска (јавна обвинителка) и Оља Ристова (судијка). 3-4 декември: Градење капацитети за социјални работници за борба против трговија со луѓе и заштита на правата на жртвите Време и место: 10:00-16:00, хотел Арка, Скопје (затворен настан) Како дел од тековните напори за зајакнување на државниот одговор за борба против трговијата со луѓе, Мисијата тесно работи со Националната комисија за борба против трговија со луѓе и Министерството за социјална политика, демографија и млади (МСПДМ) на конкретно наменети интервенции согласно Годишниот план за спроведување на Националната стратегија за борба против трговијата со луѓе. Клучниот фокус на овие напори е подобрување на капацитетите на социјалните работници за ефективно да се осврнат на и чуваат правата на жртвите. Оваа обука има за цел да ги опреми социјалните работници со суштинско знаење и вештини, а во меѓувреме олеснува проценка на потребите на посебните мултидисциплинарни мобилни тимови да идентификуваат ранливо население, вклучително и жртви на трговија. Со зајакнувањето на вештините и капацитетите на локалните социјални работници, заедниците ќе бидат подобро позиционирани да откриваат и спречуваат трговија со луѓе во рана фаза. Со поддршката од Мисијата, МСПДМ ќе ги води сесиите за градење капацитети на професионалци за социјална работа кои работат на напори за борба против трговијата со луѓе. Со оглед на тоа што жените и девојките се несразмерно повеќе засегнати од сексуална трговија и други форми на експлоатација, во оваа обука ќе бидат вклучени и релевантни студии на случај. Обуката ќе ја спроведат г-н Назиф Абди и г-а Ирена Здравкова, истакнати експерти во областа за борба против трговија со луѓе. 10 декември: Работилница на најдобри практики од регионот за Мрежа на здруженија на жени во полицијата (МЗЖП) Време и место: 9:30-17:30, хотел Александар Палас, Скопје (затворен настан) На оваа работилница ќе присуствуваат 6 претставници од Министерството за внатрешни работи и 12 претставници од МЗЖП од теренските операции на ОБСЕ во Југоисточна Европа. Учесниците ќе споделат искуства и најдобри практики за поддршка на напорите на МВР за воспоставување функционална и одржлива МЗЖП прилагодена на институционалната поставеност на земјата во период од 2-3 години, согласно новата среднорочна стратегија на Мисијата 2025-2027. 11 декември: Презентација на методологијата за воспоставување Femicide Watch во Северна Македонија Време и место: 11:00-14:00, хотел Александар Палас, Скопје Оваа презентација има за цел да понуди детален преглед на предложената методологија за femicide watch на граѓанските организации кои работат на полето на родово базирано насилство како и на клучните државни чинители, како што се јавни обвинители, судии, полиција и центри за социјална работа. Исто така, ќе се добијат и вредни повратни информации и од граѓанските организации и од државните претставници за да се подобри методологијата. Целта е да се воспостави одржлив систем за следење податоци за фемицид во Северна Македонија и да се придонесе за создавање одржлив модел за следење ширум регионот. На настанот ќе се обратат министерот за внатрешни работи, министерот за социјална политика, демографија и млади, извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права и шефот на Мисијата на ОБСЕ. Трет состанок на битолското работно тело со полицијата и претставници на ромската заедница за да разговараат за прашањето поврзано со проституција Време и место: 12:00-15:00, хотел Милениум Палас, Битола (затворен настан) Два случаја на прекумерна употреба на сила од страна на полицијата против Роми во Битола кон крајот на 2020 предизвикаа големи реакции во јавноста и создадоа тензии помеѓу ромската заедница и органите на редот. Иако ваквите тензии не беа видливи постојано и инцидентите беа релативно ретки, комуникацијата помеѓу двете групи беше ограничена главно заради спорадични конфронтации. Почетната мисија за изнаоѓање факти и ситуациската анализа ги поставија темелите за Мисијата да го организира првиот настан за дијалог во март 2024, на кој присуствуваа претставници на ромската заедница и полициски службеници кои истакнаа и потреба и волја за градење заедничка доверба како и за идентификување повеќе критични прашања за дискусија. По паузата за време на парламентарните и претседателски избори во пролетта 2024 година – заедно со измените во полициското раководство поврзани со нив – процесот на дијалог продолжи во октомври со втор настан фокусиран на подобрување на пристапот до документи за идентификација. Оваа средба го продолжува дијалогот и ќе се осврне на прашањето поврзано со проституција, со фокус на нејзиното влијание врз девојките и жените-Ромки.
Претседавачот со ОБСЕ, Борг, ја завршува посетата на Северна Македонија
Publishing date: 13 ноември 2024
Content type: Соопштенија за јавноста
Where we are: OSCE Chairpersonship
СКОПЈЕ, 12 ноември 2024 — Претседавачот со ОБСЕ, заменик-премиер и министер за надворешни и европски работи и трговија на Малта, Јан Борг, денеска ја заврши посетата на Северна Македонија, нагласувајќи го силното партнерство помеѓу Северна Македонија и ОБСЕ и потврдувајќи ја заложбата на Организацијата за зајакнување на напредокот во државата.
Борбата против нелегалната трговија со оружје и криумчарењето мигранти во фокусот на регионалниот настан на високо ниво во Скопје
Publishing date: 5 ноември 2024
Content type: Соопштенија за јавноста
Where we are: Мисија на ОБСЕ во Скопје
What we do: Контрола на оружје, Гранично управување, Полициско работење
СКОПЈЕ, 5 ноември 2024 — Организираниот криминал претставува закана во Југоисточна Европа на која треба итно да се делува, со тоа што нелегалната трговија со оружје и криумчарењето мигранти ги загрозуваат регионалната и глобалната безбедност. Со цел соочување со овие прашања и поттикнување координирано дејствување во регионот, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, во соработка со EU4FAST, во периодот 5-7 ноември во Скопје организира Конференција на високо ниво за соработка меѓу полицијата и царината.
Новиот Регионален центар: Револуција во борбата против криумчарењето оружје
Publishing date: 30 септември 2024
Content type: News
Where we are: Мисија на ОБСЕ во Скопје
Во контекст на непрекинатите безбедносни предизвици во Југоисточна Европа, постигнат е дострел во борбата против транснационалните закани и организираниот криминал. Денеска, Мисијата на ОБСЕ во Скопје го отвори новиот најмодерен Регионален К9-центар за обука и сертификација во Ѓорче Петров, клучен чекор во борбата против недозволената трговија со огнено оружје во регионот. Центарот ќе биде средиште за континуирана обука и регионална соработка. Тој е повеќе од надградба – тој вклучува изградба на нови простории за К9 и подобрување на работните услови во постојните простории. Подобрена е и мобилноста на К9-тимовите преку донацијата од 14 специјализирани возила и три приколки, со кои се овозможува побрзи, поефикасни полициски одговори ширум регионот. Официјалното отворање на Центарот означува почеток на нова ера на оперативна ефикасност и соработка, со долготрајни ефекти врз регионалната безбедност, способностите на органите за спроведување на законот како и партнерствата. За напорите за подобрување на капацитетите за детектирање МЛО Подобрувањето на капацитетите за детектирање спаѓа во рамките на вонбуџетскиот проект на Мисијата „Поддршка на националните власти на Република Северна Македонија во намалувањето на ризикот од пролиферација и злоупотреба на малото и лесно оружје (МЛО)“. Финансиран од Белгија, ЕУ, Франција, Германија, Норвешка, Словачка и САД, проектот придонесе за суштински напредок при подобрувањето на капацитетите за детектирање на Единицата за службени кучиња во земјата. Дознајте повеќе за проектот за МЛО овде.
Конкурс за есеи
Publishing date: 16 септември 2024
Отворен за: студенти на дипломски и постдипломски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола и Југоисточен Европски Универзитет. Краен рок за поднесување на есеите: 15 ноември 2024 Награди: трите најдобри есеи ќе добијат ваучери за ИТ опрема Проектот „Зајакнување на владеењето на правото и човековите права во Северна Македонија III“ има за цел да го зајакне владеењето на правото и човековите права преку спроведување на меѓународните стандарди и обврски на ОБСЕ во областа на правосудството и темелните права, во согласност со стратешките приоритети на Северна Македонија. Проектот е насочен кон различни предизвици во областите на независноста и непристрасноста на правосудството, кривичното право, борбата против корупцијата, дискриминацијата, родовата рамноправност и темелните права во Северна Македонија, кои што се дел од владините документи за јавна политика и меѓународните експертски проценки. По успешното завршување на серијата предавања за борба против корупцијата, организирани во соработка со четири национални универзитети (Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитет „Гоце Делчев“- Штип, Универзитет „Св. Климент Охридски“ Битола и Југоисточен Европски Универзитет), и покажаниот интерес на студентите, а со цел да се поттикне активната вклученост во борбата против корупцијата, Мисијата на ОБСЕ во Скопје организира натпревар во пишување на есеи за студенти. Натпреварот за есеи беше инспириран од покажаниот интерес на студентите кои учествуваа на предавањата за борба против корупцијата, каде добија инспиративни предавања од неколкумина, академици, професионалци и активисти во областа на борба против корупцијата. Авторите на трите најдобри есеи ќе добијат ваучери за купување на ИТ опрема. Рокот за испраќање на есеите е до 15 ноември 2024. Есеите треба да бидат базирани на добро фактичко разбирање за комплексната природа на корупцијата и претставување на реалистични идеи за намалување на корупцијата. Авторите треба да имаат еден или повеќе аргументи поврзани со избраната тематска анализа, кои треба да бидат разработени и поддржани со некои веродостојни извори од академската, правната или политичката литература. Следствено, авторите се поттикнуваат да го изложат своето лично мислење, но треба да се осигураат дека таквото мислење е базирано на веродостојни и убедливи докази. Есеите треба да бидат напишани на добро структуриран и јасен начин, со соодветна употреба на јазикот. Есеите треба да се базираат на една од следните општи теми: Корупција и млади Корупција и избори/финансирање на политички партии Кривични аспекти на корупцијата Корупција и род Овие теми служат како генерален правец, но авторите имаат слобода да ги напишат есеите со поспецифичен фокус, се додека се во рамки на една од четирите општи теми. Есеите ќе бидат анонимно евалуирани од комисија од три професори, кои ќе ги оценуваат есеите според следните критериуми: Тема на есејот и релевантност (макс. 25 поени) Креативност и оригиналност на предложените аргументи и решенија (макс. 25 поени) Аргументација и употреба на докази и извори (макс. 25 поени) Јазик, структура и јасност (макс. 25 поени) Есеите треба да бидат напишани на англиски јазик, со употреба на Times New Roman, големина на фонт 12 и проред 1.5, и треба да бидат долги помеѓу 1400 и 1600 зборови (3 страници). Подолгите есеи нема да бидат разгледани. Есеите треба да бидат оригинална работа на авторите. Секој знак на плагијаризам (вклучувајќи го користењето на Chat GPT) ќе биде казнет со исклучување од натпреварот. Инфо сесија За заинтересираните студенти, Мисијата на ОБСЕ во Скопје ќе организира онлајн информативна сесија, со подетални упатства за подготовка на конкурентен есеј, една недела пред крајниот рок за испраќање на есеите. За добивање на информации за точното време и датум за сесијата и zoom линк, испратете електронска порака на Diana.Zhupanoska@osce.org со вашите информации. Процес на аплицирање Инструкциите за конкурсот за есеи се достапни и на англиски и на албански јазик. Авторите треба да ги испратат своите есеи на Diana.Zhupanoska@osce.org до 15 ноември 2024 како PDF документ. За да се олесни процесот на анонимна оценка, авторите треба да го наведат своето целосно име и презиме и името на универзитетот во пријавата испратена по е-пошта, но не и во испратениот PDF документ.
Мисијата на ОБСЕ во Скопје објавува наоди и препораки за млади и безбедност во Северна Македонија
Publishing date: 2 септември 2024
Скопје, септември 2024 – Мисијата на ОБСЕ во Скопје објави детално истражување на тема „Млади и безбедност: перцепции, ставови и предизвици на младите во Северна Македонија“, кое дава повеќе информации за загриженоста, перцепциите, предизвиците и очекувањата на младите од земјата во однос на безбедноста и сигурноста. Истражувањето открива увиди од суштинско значење за креатори на политики, релевантни институции на сите нивоа, едукатори и граѓански организации, а предлага конструктивна рамка и патеки за подобрен развој и подобрено спроведување политики. Во него се истакнува важноста од колаборативен пристап со цел да се обрне внимание на прашањата и загриженоста кои се идентификувани преку целни интервенции кои имаат за цел да ја зголемат младинската вклученост во развој на политики заснован на докази и на локално и на национално ниво. Соработката помеѓу засегнатите страни е од суштинско значење со цел да се обезбеди поинформирана, поангажирана и побезбедна средина за младите ширум регионот. Истражувањето беше спроведено на ниво на државата во септември и октомври 2023, опфати 1235 телефонски разговори со испитаници на возраст од 15 до 29 години, а беа спроведени и интервјуа со фокус-групи и засегнати страни. Анализата дава широк спектар на загриженост и искуства во следниве клучни области: Перцепцијата на младите за сегашното ниво на сигурност и безбедност како и очекувањата за наредните пет години. Мнозинство од испитаниците (54 %) сметаат дека земјата е донекаде безбедна или целосно безбедна, но сепак има 17% од младите што сметаат дека земјата не е безбедно место. Повеќе од една четвртина (27 %) очекуваат дека ситуацијата ќе се влоши. Особено, младите жени се чувствуваат помалку безбедно во споредба со младите мажи, а регионалните разлики се очигледни, посебно во Североисточниот регион. Разбирање за и учество на младите во формални и неформални мировни процеси: Студијата открива многу ниско концептуално знаење и разбирање за градењето мир, со тоа што само 26 % од испитаниците се запознаени со концептот, додека 87 % не знаат за активности од страна на властите поврзани со градење мир и младинска безбедност. Вклученоста во мировни и безбедносни иницијативи е особено ниска, само 6 % од младите активно учествувале во такви активности во текот на изминатата година. Постои видлива потреба од зголемена свесност и вклученост на младите во напорите за градење мир. Нивото на свесност на младите за спречување насилен екстремизам и радикализација и ставови за реинтеграција: 53 % од испитаниците не ја сметаат радикализацијата како сериозно прашање во нивните заедници, а 38 % изразуваат загриженост за нејзиното присуство. Примарните двигатели на радикализацијата се идентификувани како политички фактори, економски разлики и религија. Постои особено колебање кај младите за поддршка за реинтеграција на поранешни екстремисти, со тоа што 43 % се двоумат да поддржат ресоцијализација на осудени поединци. Перцепцијата за и искуството на младите со сите форми на насилство: 59 % од испитаниците сметаат дека насилството меѓу младите е „целосно присутно“. Речиси секое петто младо лице (18 %) вклучено во ова истражување или има искусено или посведочено насилство или и двете. Се чини дека младите мажи имаат искусено повеќе физичко насилство за разлика од младите жени (80 % наспроти 66 %), додека, пак, младите жени се чини дека имаат искусено или посведочено повеќе вербално насилство споредено со младите мажи (84 % наспроти 76 %). Студијата исто така истакнува и вознемирувачки тренд на насилство во училиштата, па така 81 % од помладите испитаници (од 15 до 18 години) имаат искусено или посведочено насилство во образовна средина. Сајбер-малтретирање: речиси половина од испитаниците (42 %) во истражувањето се чувствуваат „безбедно“ или „целосно безбедно“ кога користат интернет, додека, пак, околу 20 % не се чувствуваат така. Релативно голем процент од испитаниците (38 %) се чувствуваат „ниту безбедно, ниту небезбедно“. Тоа може да значи дека се потребни дополнителни истражувања за да се истражат причините зад ваквата перцепција како и можно дополнително целно подигање на свеста за сајбер-безбедноста. Исклучување и дискриминација: речиси една третина (31 %) од испитаниците ја идентификуваат етничката припадност како првиот основ за дискриминација и исклучување, по која следат економскиот статус и политичката припадност. Во меѓувреме, 11 % од испитаниците истакнаа дека лично искусиле дискриминација. Се чини дека младите жени повеќе биле предмет на дискриминација за разлика од младите мажи, па така и етничките Роми во споредба со етничките Албанци или Македонци. Истражувањето покажува особен јаз во младинското учество во процесите на носење одлуки и на локално и институционално ниво. Доверба во властите и другите луѓе и односите меѓу заедниците: се чини дека довербата во институциите е генерално ниска, со тоа што владата и политичките лидери добија слаби оценки. Најголема доверба уживаат полицијата, верските лидери и граѓанските организации. Се чини дека младите имаат поделени ставови за нивото на доверба во луѓе од различно етничко потекло, со тоа што 57 % искажуваат ограничена општа доверба во луѓето од различно етничко потекло, а 43 % велат дека имаат доверба во нив. Сепак, општиот став за меѓуетничките односи/односите меѓу заедниците е помалку поделен, со тоа што 46 % ги оценуваат како „ниту добри ниту лоши“, а 41 % како „добри“. За да пристапите до целосното истражување, посетете ги линковите подолу. Перцепции, ставови и предизвици на младите во Северна Македонија- Истражување за млади и безбедност | OSCE Perceptions, views and challenges of young people in North Macedonia- Research on Youth and Security | OSCE Perceptimet, qëndrimet dhe sfidat e të rinjve në Мaqedoninë e Veriut- Hulumtim për të rinjtë dhe sigurinë | OSCE
Прва помош за полициски кучиња
Publishing date: 24 јуни 2024
Content type: News
Where we are: Мисија на ОБСЕ во Скопје
What we do: Контрола на оружје, Гранично управување, Полициско работење
Исто како и луѓето, службените кучиња ги ризикуваат своите животи во полициските операции и бараат итна прва помош кога се повредени. Брзата реакција од нивните водичи може да им го спаси животот на овие добро тренирани и лојални животни. Денес започнува првата регионална обука за грижа и прва помош на службени кучиња. Преку ваквата иницијатива, водичите на службени кучиња и експерти од пет јурисдикции ќе се сретнат за да ги унапредат своите вештини за подобрување на работата со кучиња, нега на кучиња и нивна прва помош. Учесниците ќе добијат практична обука од експерти на Германската федерална асоцијација на кучиња за спасување, една од најискусните и најголемите организации во Европа, која работи со кучиња за пребарување и спасување. Толкување на говорот на телото на кучето, прва помош за повредени кучиња и други реални сценарија за тренирање, ќе бидат предмет на 5-дневната обука што ќе се одржи во новоформираниот Центар за обука на полициски кучиња во Ѓорче Петров. Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Министерството за внатрешни работи се домаќини на оваа обука, која претставува клучна компонента на напорите на Mисијата на ОБСЕ за подобрување на капацитетите на Единицата за службени кучиња во земјата и регионот. Програмата ќе ја подобри соработката во заедничките акции на службените кучиња низ Западен Балкан, а учесниците ќе се здобијат со вештини и знаења неопходни за успешно извршување на важни задачи како што се гранична контрола, откривање на нелегално оружје и спречување на нивна злоупотреба. Новиот најсовремен Регионален К9 Центар за обука и сертификација, основан со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, има капацитет од 40 оградени боксови за кучиња. Центарот е во согласност со највисоките стандарди за благосостојба на животните, спречување на болести, професионални практики за ракување со кучиња и воспоставување на соодветни стандарди за сместување.