Кон еднаквост помеѓу мажите и жените
Со поддршката од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Собранието остварува видлив напредок кон еднаквост помеѓу жените и мажите, преку воведување нови политики, зајакнување на надзорната функција и унапредување на структурните реформи.
На 11 февруари, собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите едногласно го усвои Акцискиот план на Собранието за унапредување на рамноправноста помеѓу жените и мажите за периодот 2025-2027. [1]
„Со ова се означува третиот последователен Акциски план развиен со поддршката на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР), зајакнувајќи ја заложбата на Собранието за унапредување на еднаквоста помеѓу жените и мажите“, изјави амбасадорот Килиан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Марина Димовска, генерална секретарка на Собранието, ја реафирмираше заложбата на институцијата за поттикнување еднакви можности за сите. „Собранието, како претставничкиот дом на сите граѓани и најважната демократска институција, останува водечка сила во промовирањето еднаквост помеѓу жените и мажите“.
Новиот Акциски план задава амбициозни цели за зајакнување на еднаквоста помеѓу жените и мажите во политичкото застапување, законодавните процеси и надзорните функции. Во фокусот на овие напори е и зајакнувањето на внатрешната организација на Собранието, вклучително и формирањето специјален отсек за еднаквост помеѓу жените и мажите, поддршка на семејно-пријателски политики за службата и пратениците и подобрени капацитети за родова анализа. Клучните цели вклучуваат зајакнување на етичките стандарди за спречување на сите форми на насилство, охрабрување на машките политичари активно да застапуваат за еднаквост и зголемување на јавната свест за родови прашања.
Од 2019, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и ОДИХР имаат поддржано напори за поинклузивно Собрание, грижејќи се перспективите и приоритетите и на жените и на мажите да бидат рефлектирани во неговата работа. Собранието има воведено специјализирани обуки за родова еднаквост, сеопфатен прирачник за најдобри практики[2], како и обука за воведно знаење за новоизбрани пратеници. Со позицијата советник за родови прашања, воведена во 2023, се обезбедува постојана и континуирана поддршка за политиките кои ги рефлектираат потребите на сите граѓани.
Овие радикални промени создаваат поправично и попретставничко Собрание. Со годишната пленарна седница, со која се одбележува Меѓународниот ден на жената, еднаквоста е присутна на агендата, а родово сензитивните одредби од Деловникот помагаат заложбите да се претворат во делување. Регионалните размени дополнително ги зајакнуваат овие напори, поттикнувајќи соработка помеѓу границите со цел градење поинклузивни институции.
Мисијата на ОБСЕ во Скопје продолжува да ги поддржува институциите на Северна Македонија при нивните напори за вметнување на родово сензитивните практики во создавањето политики, грижејќи се за долгорочен напредок кон еднаквост и инклузивност.
[1]https://www.sobranie.mk/ns-newsarticle-usvoen-akciskiot-plan-za-unapreduvane-na-ramnopravnosta-megu-zenite-i-mazite.nspx