16 дена активизам против родово базирано насилство 2024 Активности на Мисијата на ОБСЕ во Скопје
24 ноември:
Централен настан на ОБСЕ: „Насилство врз младите жени и девојки: сексуално вознемирување, демнење и контролирачко однесување“
Време и место: 12:00-14:30, Лабораториум, Skopje
Овој настан има за цел да ги идентификува и обрне внимание на реалните предизвици при спречувањето и гонењето насилство врз младите жени и девојки, фокусирајќи се ниската стапка на обвиненија и истраги. Клучни теми на кои ќе се разговара се подигање на свеста за сексуалното вознемирување, демнењето и контролирачкото однесување како родови форми на насилство како и разбирање за долгорочното влијание на овие злодела врз благосостојбата и развојот на младите жени и девојки. Ќе биде прикажан видео материјал создаден во соработка со Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, по што ќе се одржи дебата со чинителите. Централен дел на настанот ќе биде потпишувањето на Декларација на намери, со која ќе се отслика јавната заложба за борба против насилството врз младите жени и девојки. Декларацијата задава десет акциски точки со конкретни мерки кои Мисијата на ОБСЕ во Скопје ќе ги поддржи во 2025 година. Помеѓу учесниците кои се поканети да ја потпишат Декларацијата се претседателката на Северна Македонија, министерката за образование, претставници на локални училишта, младински организации и невладини организации активни во борбата за ставање крај на насилството врз жените. На настанот ќе се обратат претседателката на Северна Македонија и министерката за образование. Шефот на Мисијата на ОБСЕ нема да присуствува на настанот од здравствени причини, но ќе има видео-обраќање. Заменик-шефицата на Мисијата на ОБСЕ ќе ја модерира воведната сесија.
25 ноември:
Почетен настан за 16 дена активизам против родово базирано насилство организиран од ОН (настан со поддршка на ОБСЕ)
Време и место: 19:30-22:30, Музеј на Град Скопје
Настанот на кој ќе се претстават повеќе платформи, финансиски поддржан од Мисијата на ОБСЕ, ќе промовира единство при разрешувањето на насилството врз жени и девојки. На него ќе се одржат панели за отворени дискусии со претставници од партнерските организации на ОН како и билатералните донатори, младински активисти, невладини организации и медиуми. Ќе биде прикажан краток документарен филм за родово базирано насилство, а ќе биде изложена и уметничко-просторната инсталација „Прегрнати лузни“ на Мартина Спасовска. На панел-дискусијата ќе учествува заменик-шефицата на Мисијата на ОБСЕ.
Јавна седница на Собраниската комисија за еднакви можности на жените и мажите на темата за насилство врз жени и девојки
Време и место: 10:00-12:00, Собрание, Скопје
На покана на претседателката на Комисијата, шефот на Мисијата ќе има видео-обраќање пред Комисијата, додека заменик-шефицата ќе присуствува лично.
27 ноември:
Работилница за дискутирање за експертската анализа поддржана од Мисијата на ОБСЕ за „новите форми за спречување трговија со луѓе фокусирани на ранливите групи, вклучително и жени, препораки и главни загрижености”
Време и место: 10:00-14:30, хотел Арка, Скопје (затворен настан)
Трговијата со луѓе несразмерно влијае врз жените и девојките поради нивната ранливост на родово базирано насилство. Трговците со луѓе честопати ги искористуваат родово базираните нееднаквости. На оваа работилница ќе се истражат стратегии за спречување трговија со луѓе, посебно со ранливи групи, вклучително и жени. Оваа сесија ќе обезбеди алатки за Националниот известувач за борба против трговија со луѓе за набљудување превентивни дејствија и ризици. Експертката Марија Тодоровска ќе ја води работилницата.
28-29 ноември:
Обука за адвокати за правата на жртвите во случаи на трговија со луѓе
Време и место: 10:00-16:00, хотел Арка, Скопје (затворен настан)
Обуката има за цел да ги подобри капацитетите на адвокатите да застапуваат жртви на трговија со луѓе, со фокус на жени и девојки тргувани заради сексуална експлоатација и принуден труд. На сесијата ќе се обрне внимание на разликите помеѓу криумчарењето и тргувањето мигранти, со акцент на ризиците со кои се соочуваат раселените жени и девојки. Сесијата ќе ја водат Маја Конеска (јавна обвинителка) и Оља Ристова (судијка).
3-4 декември:
Градење капацитети за социјални работници за борба против трговија со луѓе и заштита на правата на жртвите
Време и место: 10:00-16:00, хотел Арка, Скопје (затворен настан)
Како дел од тековните напори за зајакнување на државниот одговор за борба против трговијата со луѓе, Мисијата тесно работи со Националната комисија за борба против трговија со луѓе и Министерството за социјална политика, демографија и млади (МСПДМ) на конкретно наменети интервенции согласно Годишниот план за спроведување на Националната стратегија за борба против трговијата со луѓе. Клучниот фокус на овие напори е подобрување на капацитетите на социјалните работници за ефективно да се осврнат на и чуваат правата на жртвите. Оваа обука има за цел да ги опреми социјалните работници со суштинско знаење и вештини, а во меѓувреме олеснува проценка на потребите на посебните мултидисциплинарни мобилни тимови да идентификуваат ранливо население, вклучително и жртви на трговија. Со зајакнувањето на вештините и капацитетите на локалните социјални работници, заедниците ќе бидат подобро позиционирани да откриваат и спречуваат трговија со луѓе во рана фаза. Со поддршката од Мисијата, МСПДМ ќе ги води сесиите за градење капацитети на професионалци за социјална работа кои работат на напори за борба против трговијата со луѓе. Со оглед на тоа што жените и девојките се несразмерно повеќе засегнати од сексуална трговија и други форми на експлоатација, во оваа обука ќе бидат вклучени и релевантни студии на случај. Обуката ќе ја спроведат г-н Назиф Абди и г-а Ирена Здравкова, истакнати експерти во областа за борба против трговија со луѓе.
10 декември:
Работилница на најдобри практики од регионот за Мрежа на здруженија на жени во полицијата (МЗЖП)
Време и место: 9:30-17:30, хотел Александар Палас, Скопје (затворен настан)
На оваа работилница ќе присуствуваат 6 претставници од Министерството за внатрешни работи и 12 претставници од МЗЖП од теренските операции на ОБСЕ во Југоисточна Европа. Учесниците ќе споделат искуства и најдобри практики за поддршка на напорите на МВР за воспоставување функционална и одржлива МЗЖП прилагодена на институционалната поставеност на земјата во период од 2-3 години, согласно новата среднорочна стратегија на Мисијата 2025-2027.
11 декември:
Презентација на методологијата за воспоставување Femicide Watch во Северна Македонија
Време и место: 11:00-14:00, хотел Александар Палас, Скопје
Оваа презентација има за цел да понуди детален преглед на предложената методологија за femicide watch на граѓанските организации кои работат на полето на родово базирано насилство како и на клучните државни чинители, како што се јавни обвинители, судии, полиција и центри за социјална работа. Исто така, ќе се добијат и вредни повратни информации и од граѓанските организации и од државните претставници за да се подобри методологијата. Целта е да се воспостави одржлив систем за следење податоци за фемицид во Северна Македонија и да се придонесе за создавање одржлив модел за следење ширум регионот. На настанот ќе се обратат министерот за внатрешни работи, министерот за социјална политика, демографија и млади, извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права и шефот на Мисијата на ОБСЕ.
Трет состанок на битолското работно тело со полицијата и претставници на ромската заедница за да разговараат за прашањето поврзано со проституција
Време и место: 12:00-15:00, хотел Милениум Палас, Битола (затворен настан)
Два случаја на прекумерна употреба на сила од страна на полицијата против Роми во Битола кон крајот на 2020 предизвикаа големи реакции во јавноста и создадоа тензии помеѓу ромската заедница и органите на редот. Иако ваквите тензии не беа видливи постојано и инцидентите беа релативно ретки, комуникацијата помеѓу двете групи беше ограничена главно заради спорадични конфронтации. Почетната мисија за изнаоѓање факти и ситуациската анализа ги поставија темелите за Мисијата да го организира првиот настан за дијалог во март 2024, на кој присуствуваа претставници на ромската заедница и полициски службеници кои истакнаа и потреба и волја за градење заедничка доверба како и за идентификување повеќе критични прашања за дискусија. По паузата за време на парламентарните и претседателски избори во пролетта 2024 година – заедно со измените во полициското раководство поврзани со нив – процесот на дијалог продолжи во октомври со втор настан фокусиран на подобрување на пристапот до документи за идентификација. Оваа средба го продолжува дијалогот и ќе се осврне на прашањето поврзано со проституција, со фокус на нејзиното влијание врз девојките и жените-Ромки.