Претседавачот со ОБСЕ, Борг, ја завршува посетата на Северна Македонија
СКОПЈЕ, 12 ноември 2024 — Претседавачот со ОБСЕ, заменик-премиер и министер за надворешни и европски работи и трговија на Малта, Јан Борг, денеска ја заврши посетата на Северна Македонија, нагласувајќи го силното партнерство помеѓу Северна Македонија и ОБСЕ и потврдувајќи ја заложбата на Организацијата за зајакнување на напредокот во државата.
За време на неговата посета, претседавачот Борг оствари средби со премиерот, Христијан Мицкоски, министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, како и со претседателот на Собранието, Африм Гаши.
„Посветеноста на Владата на Северна Македонија да ги унапредува демократското владеење, владеењето на правото и социјалната кохезија длабоко се поистоветува со мисијата на ОБСЕ“, изјави претседавачот Борг. „Заедно, не само што ја зајакнуваме отпорноста туку се грижиме и да нашите кооперативни напори донесат опипливи придобивки за граѓаните на Северна Македонија. Со нетрпение очекувам да ја продолжиме нашата работа со цел негување стабилност и безбедност во регионот“.
Тој исто така учествуваше на средба на Тројката на ОБСЕ заедно со министрите за надворешни работи на Северна Македонија (Тимчо Муцунски) и Финска (Елина Валтонен).
„Тројката обезбедува континуитет, единство и стратешки фокус во ОБСЕ, помагајќи ни да ја водиме нашата мисија напред со решителност и одлучност“, изјави претседавачот Јан Борг. „Во овие тешки времиња, со војната против Украина која ја нагласува ранливоста на мирот, улогата на ОБСЕ како столб на безбедноста е од клучно значење како никогаш досега. Под мотото на претседавањето на Малта со ОБСЕ ’Зајакнување на отпорноста, подобрување на безбедноста‘, посветени сме на тоа дека се грижиме ОБСЕ да остане функционална и влијателна кога е најпотребно“.
Претседавачот Борг ја посети Мисијата на ОБСЕ во Скопје, најстарата теренска мисија, основана во 1992. За време на неговата посета, тој се сретна со шефот на Мисијата, амбасадорот Килиан Вал, како и со нејзините вработени, оддавајќи благодарност за нивната посветеност и вредната работа на терен.
Претседавачот со ОБСЕ исто така оствари средба и со претставници на граѓански организации кои работат на унапредување на родовата еднаквост и борба против насилството врз жени и девојки, признавајќи ја суштинската улога која овие групи ја играат при градењето кохезивни и отпорни заедници.