Мисијата на ОБСЕ во Скопје објавува наоди и препораки за млади и безбедност во Северна Македонија
Скопје, септември 2024 – Мисијата на ОБСЕ во Скопје објави детално истражување на тема „Млади и безбедност: перцепции, ставови и предизвици на младите во Северна Македонија“, кое дава повеќе информации за загриженоста, перцепциите, предизвиците и очекувањата на младите од земјата во однос на безбедноста и сигурноста.
Истражувањето открива увиди од суштинско значење за креатори на политики, релевантни институции на сите нивоа, едукатори и граѓански организации, а предлага конструктивна рамка и патеки за подобрен развој и подобрено спроведување политики.
Во него се истакнува важноста од колаборативен пристап со цел да се обрне внимание на прашањата и загриженоста кои се идентификувани преку целни интервенции кои имаат за цел да ја зголемат младинската вклученост во развој на политики заснован на докази и на локално и на национално ниво. Соработката помеѓу засегнатите страни е од суштинско значење со цел да се обезбеди поинформирана, поангажирана и побезбедна средина за младите ширум регионот.
Истражувањето беше спроведено на ниво на државата во септември и октомври 2023, опфати 1235 телефонски разговори со испитаници на возраст од 15 до 29 години, а беа спроведени и интервјуа со фокус-групи и засегнати страни. Анализата дава широк спектар на загриженост и искуства во следниве клучни области:
- Перцепцијата на младите за сегашното ниво на сигурност и безбедност како и очекувањата за наредните пет години. Мнозинство од испитаниците (54 %) сметаат дека земјата е донекаде безбедна или целосно безбедна, но сепак има 17% од младите што сметаат дека земјата не е безбедно место. Повеќе од една четвртина (27 %) очекуваат дека ситуацијата ќе се влоши. Особено, младите жени се чувствуваат помалку безбедно во споредба со младите мажи, а регионалните разлики се очигледни, посебно во Североисточниот регион.
- Разбирање за и учество на младите во формални и неформални мировни процеси: Студијата открива многу ниско концептуално знаење и разбирање за градењето мир, со тоа што само 26 % од испитаниците се запознаени со концептот, додека 87 % не знаат за активности од страна на властите поврзани со градење мир и младинска безбедност. Вклученоста во мировни и безбедносни иницијативи е особено ниска, само 6 % од младите активно учествувале во такви активности во текот на изминатата година. Постои видлива потреба од зголемена свесност и вклученост на младите во напорите за градење мир.
- Нивото на свесност на младите за спречување насилен екстремизам и радикализација и ставови за реинтеграција: 53 % од испитаниците не ја сметаат радикализацијата како сериозно прашање во нивните заедници, а 38 % изразуваат загриженост за нејзиното присуство. Примарните двигатели на радикализацијата се идентификувани како политички фактори, економски разлики и религија. Постои особено колебање кај младите за поддршка за реинтеграција на поранешни екстремисти, со тоа што 43 % се двоумат да поддржат ресоцијализација на осудени поединци.
- Перцепцијата за и искуството на младите со сите форми на насилство: 59 % од испитаниците сметаат дека насилството меѓу младите е „целосно присутно“. Речиси секое петто младо лице (18 %) вклучено во ова истражување или има искусено или посведочено насилство или и двете. Се чини дека младите мажи имаат искусено повеќе физичко насилство за разлика од младите жени (80 % наспроти 66 %), додека, пак, младите жени се чини дека имаат искусено или посведочено повеќе вербално насилство споредено со младите мажи (84 % наспроти 76 %). Студијата исто така истакнува и вознемирувачки тренд на насилство во училиштата, па така 81 % од помладите испитаници (од 15 до 18 години) имаат искусено или посведочено насилство во образовна средина.
- Сајбер-малтретирање: речиси половина од испитаниците (42 %) во истражувањето се чувствуваат „безбедно“ или „целосно безбедно“ кога користат интернет, додека, пак, околу 20 % не се чувствуваат така. Релативно голем процент од испитаниците (38 %) се чувствуваат „ниту безбедно, ниту небезбедно“. Тоа може да значи дека се потребни дополнителни истражувања за да се истражат причините зад ваквата перцепција како и можно дополнително целно подигање на свеста за сајбер-безбедноста.
- Исклучување и дискриминација: речиси една третина (31 %) од испитаниците ја идентификуваат етничката припадност како првиот основ за дискриминација и исклучување, по која следат економскиот статус и политичката припадност. Во меѓувреме, 11 % од испитаниците истакнаа дека лично искусиле дискриминација. Се чини дека младите жени повеќе биле предмет на дискриминација за разлика од младите мажи, па така и етничките Роми во споредба со етничките Албанци или Македонци. Истражувањето покажува особен јаз во младинското учество во процесите на носење одлуки и на локално и институционално ниво.
- Доверба во властите и другите луѓе и односите меѓу заедниците: се чини дека довербата во институциите е генерално ниска, со тоа што владата и политичките лидери добија слаби оценки. Најголема доверба уживаат полицијата, верските лидери и граѓанските организации. Се чини дека младите имаат поделени ставови за нивото на доверба во луѓе од различно етничко потекло, со тоа што 57 % искажуваат ограничена општа доверба во луѓето од различно етничко потекло, а 43 % велат дека имаат доверба во нив. Сепак, општиот став за меѓуетничките односи/односите меѓу заедниците е помалку поделен, со тоа што 46 % ги оценуваат како „ниту добри ниту лоши“, а 41 % како „добри“.
За да пристапите до целосното истражување, посетете ги линковите подолу.