Борбата против нелегалната трговија со оружје и криумчарењето мигранти во фокусот на регионалниот настан на високо ниво во Скопје
СКОПЈЕ, 5 ноември 2024 — Организираниот криминал претставува закана во Југоисточна Европа на која треба итно да се делува, со тоа што нелегалната трговија со оружје и криумчарењето мигранти ги загрозуваат регионалната и глобалната безбедност. Со цел соочување со овие прашања и поттикнување координирано дејствување во регионот, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, во соработка со EU4FAST, во периодот 5-7 ноември во Скопје организира Конференција на високо ниво за соработка меѓу полицијата и царината.
Високи политичари, директори од полицијата и царината, официјални лица од органите за спроведување на законот, експерти за безбедност и претставници од меѓународни партнерски организации заседаваат за да се зајакне регионалната соработка меѓу полициските и царинските власти. Нивната цел е да развијат координирани стратегии за справување со комплексните, еволуирачките закани од трговијата со мало и лесно оружје (МЛО) и криумчарењето мигранти.
„Зошто сме денеска тука? Затоа што – да бидеме искрени – за жал, Југоисточна Европа останува жариште за недозволена трговија со оружје и криумчарење мигранти. Регионот е преплавен со оружје. Секој од нас во просторијата знае за озлогласените балкански рути“, рече амбасадорот Килиан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Оружјето кое се шверцува од регионот не само што поттикнува насилство на локално ниво туку придонесува и за криминалот и нестабилноста во светски рамки. Шверцот на оружје поттикнува организиран криминал и претставува сериозна закана по јавната сигурност, игра улога при семејно насилство, убиства и родово базирано насилство.
„Овој настан кој иницира посилна институционална соработка на меѓународно и национално ниво ќе придонесе кон функционалноста на безбедносните системи кои се носечки столб на сигурноста на граѓаните и демократските вредности. Борбата против организираниот и транснационалниот криминал бара од сите нас максимално вложување напори и ресурси посебно во делот на прекуграничната полициско-царинска соработка, како клучен фактор за ефикасно справување со оваа закана“, истакна Панче Тошковски, министер за внатрешни работи на Република Северна Македонија.
Мрежите на организиран криминал продолжуваат да растат во однос на комплексноста и опфатот, за што потребна е поголема соработка. Оваа конференција има за цел да ја даде основата за зголемено споделување информации во регионот и пошироко преку претставување транснационални системи за споделување информации, како што е Мрежната апликација за сигурна размена на информации – SIENA. На форумот учествуваат и клучни чинители со цел да ги споделат нивните искуства, презентираат трендови на граничните премини и да дискутираат за механизми за одговор.
„Задоволство ми е што Северна Македонија го препозна проблемот и чест ни е да ја поддржиме земјата“, истакна амбасадорот Килиан Вал. „Почнуваме да гледаме резултати: има напредок во Југоисточна Европа, пораст од 20 % на големи запленувања. Сите може да се гордееме со ваквите опипливи резултати. Но, мора да признаеме дека и покрај овие напори, пролиферацијата на недозволено огнено оружје останува сериозна загриженост, истакнувајќи ја потребата за континуирано регионално дејствување за да се намали неговиот тек“.
Конференцијата е клучен чекор за градење партнерства, споделување разузнавачки информации, унапредување изводливи решенија и поставување темели за слични иницијативи во иднина. Заедно со Министерството за внатрешни работи и регионалните партнери, Мисијата на ОБСЕ во Скопје останува посветена на унапредувањето на овие напори и зајакнувањето на отпорноста на регионот против организираниот криминал.