Тешките времиња се зад нас, напредокот мора да забрза
Поминаа три години од мојата последна посета на Скопје. Оттогаш многу работи се променија на глобално ниво. Меѓународната безбедност е на критичен крстопат и никогаш не било попотребно да се испрати јасна порака, нагласувајќи ја важноста од градењето разновидни и плуралистички општества – силни општества, чија цел е подобра иднина за сите.
Државата и политичките лидери постигнаа значителен напредок во последните неколку месеци. Решението на неодамнешниот политички ќор-сокак, ги промени работите за сите, особено за граѓаните, и сега напредокот мора да се забрза.
Охридскиот рамковен договор останува важен фактор за стабилноста на земјата и регионот.
Иако дискусиите на политичко ниво во последните неколку месеци беа мошне тешки, неодамнешниот позитивен развој на настаните, покажа дека секоја криза може да се претвори во можност за промена и напредок. Многу ми е драго кога гледам дека политичките лидери успеаја да ги надминат разликите и постигнаа компромис кој најмногу ќе им служи на интересите на оваа земја.
Но, ова не е крај и уште позитивни чекори ќе мора да се направат на многу различни нивоа.
Општествената кохезија и владеењето на правото ќе мора да преовладуваат
Има уште доста работа во критичните и комплексни области, како што се владеењето на правото, независноста на судството, слободата на изразувањето и слободата на медиумите, изборните процеси, демократското владеење, градењето на капацитетот на институциите, меѓуетничките односи и спроведувањето на Охридскиот рамковен договор (ОРД).
ОБСЕ, како партнер, може да помогне земјата да има посилни и понезависни институции кои ќе ја имаат поддршката од сите граѓани.
Единствен начин за напредок во овие критични области е одржување на сегашниот конструктивен дух и инвестирање дополнителни напори во спроведување на сите договори и итни реформи, во целост и со добра волја. Ова е важен и потребен чекор за зајакнување на довербата кај јавноста во сите инклузивни политички процеси. Непотребно е да се нагласува дека без соодветно и навремено спроведување на договорите, сите напори ќе бидат залудни.
ОРД останува важен фактор за стабилноста на земјата и регионот. Сега, кога најголемиот дел од вниманието е насочено кон политичкиот процес, континуираното спроведување на ОРД и процесот на анализа не смеат да паднат во сенка. Оддржливата поддршка на словото и духот на Рамковниот договор е потребна за да се обезбеди мирен соживот на сите заедници во земјата.
Преку дијалог до имплементација
Сега, политичките партии мора да продолжат со дијалогот, со зацврстување на соработката за преостанатите теми. Спроведувањето е клучниот елемент и токму тука ОБСЕ може да биде од помош. Сите заедно мора да работиме за успешно да го завршиме овој процес.
ОБСЕ, како партнер, може да помогне земјата да има посилни и понезависни институции кои ќе ја имаат поддршката од сите граѓани.
Политичките претставници покажаа дека се посветени на договорите, поставувајќи темели за понатамошно зацврстување на демократските процеси и враќање на многу потребната доверба во владата и политичките институции.
Не смееме да заборавиме на важноста на граѓанското општество, не само како куче чувар, туку и како партнер од витално значење за демократската држава и граѓаните – важна алка во градењето доверба.
За длабоки и суштествени промени потребно е време, посветеност и будност од сите засегнати страни. ОБСЕ, нејзините институции и нашата Мисија во Скопје долго време се посветени на поддршка на земјата и ние нема да се откажеме. Ќе продолжиме да обезбедуваме поддршка и експертиза во спроведувањето на многу аспекти од Договорот во Пржино , Охридскиот рамковен договор и областите кои се поврзани со мандатот на Мисијата и програмските активности.
Можностите не смеат да се пропуштат
Потребна е политичка волја од сите за да се обезбеди спроведување на донесените закони и договори, и поставување на основа за еднакви правила на игра за предвремените парламентарни избори во април 2016 година.
Политичките претставници покажаа дека се посветени на договорите, поставувајќи темели за понатамошно зацврстување на демократските процеси и враќање на многу потребната доверба во владата и политичките институции.
Клучот за иднината на земјата сега е во рацете на политичките лидери. Ги охрабрувам целосно да ја користат поддршката и експертизата на ОБСЕ. Од клучна важност во овој аспект е и придржувањето кон преземените обврски на земјата како членка на ОБСЕ.
„Совладаните тешкотии, претставуваат нови можности,“ кажа поранешниот британски премиер, Винстон Черчил. Да се обединиме и да не ги пропуштиме можностите кои се пред нас.
Автор е Генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер.
Овој текст е објавен во весниците Утрински весник и Коха.