ОБСЕ организира симулација за одговорните лица во Скопје за заштита на клучната енергетска инфраструктура од терористички напади со фокус на заканите од сајбер-просторот
Зајакнување на заштитата и подготвеност за терористички напади чија цел се индустриски системи за контрола е во фокусот на симулацијата која се одржува во Скопје на 27 и 28 март, 2017 година. Дваесет и шест експерти од различни државни институции и претставници на приватниот сектор, вклучувајќи оператори, даватели на услуги и сопственици, учествуваат во националната вежба организирана од Одделот за транснационални закани на ОБСЕ, со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Во текот на симулацијата, учесниците ќе бидат во можност да ја тестираат ефикасноста на нивните постоечки системи за заштита и управување со кризи, вклучувајќи и координација со надворешни механизми. Симулацијата, исто така, има за цел понатамошно подобрување на партнерството меѓу јавниот и приватниот сектор, обезбедување поголема заштита и зголемување на флексибилноста на националната енергетска инфраструктура.
"Денес, сајбер-тероризмот, како средство за постигнување на политички и економски цели преку употреба на информатичката и комуникациска технологија, станува водечка закана за безбедноста на земјите, како на национално, така и на глобално ниво", рече министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, кој зборуваше на отворањето.
Стивен Дејвис, раководител на Одделот за сигурност и поддршка на заедниците при Мисијата на ОБСЕ во Скопје, рече: "Оваа вежба на ОБСЕ има цел да понуди искуство од прва рака за слабостите на клучните ненуклеарни енергетски инфраструктурни објекти од терористички напади кои потекнуваат од сајбер-просторот и унапредување на националниот капацитет да се одговори на ваквите напади".
Оваа симулација е дел од серијата на национални вежби организирани за земјите членки на ОБСЕ од Одделот на ОБСЕ за транснационални закани, развиени врз основа на Водичот за добри практики за заштита на клучни ненуклеарни енергетски инфраструктурни објекти од терористички напади со фокус на заканите кои произлегуваат од сајбер-простор.