Изборите во Северна Македонија беа конкурентни и гласачите беа добро информирани, иако процесот останува недоволно регулиран: меѓународни набљудувачи
СКОПЈЕ, 9 мај 2024 година – Вториот круг на претседателските избори и парламентарните избори во Северна Македонија беа конкурентни, а обемната и плуралистичка кампања им помогна на гласачите да донесат информирана одлука, но беа извалкани со негативна реторика со националистички слогани, како и со недостатоци во законодавството и недоволен надзор над финансирањето на кампањата, се вели во денешното соопштение на меѓународните набљудувачи.
Изборите се одржаа во атмосфера на присутно незадоволство на гласачите од политичките елити и општо чувство дека и на власта и на опозицијата им недостига волја да одговорат на долгогодишните повици за сеопфатни реформи. Заедничката набљудувачка мисија на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР), Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) и Европскиот парламент (ЕП) утврди дека додека правната рамка ја воспоставува основата за демократски избори, остануваат многу празнини и недоследности, што ги прави понатамошните реформи неопходни.
„Изборниот ден беше мирен и спокоен, се одвиваше во конструктивна атмосфера, и покрај силната политичка поларизација и фрагментација во Северна Македонија“, истакна Николоз Самхарадзе, специјален координатор и лидер на краткорочната набљудувачка мисија. „Моја искрена надеж за народот на оваа земја е дека новоизбраното раководство ефективно ќе се справи со клучните предизвици со кои се соочува земјата и дека ќе ја приближи Северна Македонија уште поблиску до нејзината декларирана цел за членство во ЕУ“.
Тонот на кампањата, вклучувајќи и на интернет, стануваше сѐ понегативен пред првиот круг на претседателските избори и таквата ситуација не се подобри во текот на вториот круг од претседателската кампања или во парламентарната кампања. Наводите за купување гласови се зголемија пред денот на изборите, вклучувајќи ги сите поголеми политички партии, што ја нагласува потребата од поголеми напори за отстранување на овие причини за загриженост.
Начинот на распределба на државните средства за кампања и на времето во медиумите ги стави во понеповолна позиција помалите партии и оние коишто не се застапени во собранието. Во исто време, транспарентноста и отчетноста на финансирањето на кампањата беа ослабени поради минималните барања за известување за финансирањето на кампањата, како и од ограничените ресурси и капацитети коишто им беа обезбедени на надзорните органи.
„Северна Македонија не успеа да спроведе голем број важни препораки дадени од Венецијанската комисија на Советот на Европа и ОДИХР“, рече Алфред Хеер, којшто ја предводеше делегацијата на ПССЕ. „Многу гласачи коишто живеат во странство не можеа да гласаат за пратеник којшто ќе ги застапува во собранието, а условот за излезност од 40 проценти за вториот круг од претседателските избори, исто така, треба итно да се реформира за да се избегне ризикот од циклуси на неуспешни избори“.
Со забележителниот исклучок на една од претседателските кандидати во вториот круг, набљудувачите забележаа дека политичките партии имаа малку жени говорници на настаните од кампањата, при што се чинеше дека партиите вложуваат малку напори за да ги ангажираат жените гласачи. Сите регистрирани листи на кандидати беа во согласност со законот и имаа застапеност на жените од најмалку 40 проценти. Сепак, тие честопати беа поставувани на најниските можни позиции.
„Северна Македонија постигна напредок во унапредувањето на родовата еднаквост во политичкиот и јавниот живот, како што се покажа на овие избори на кои жените сочинуваа 43 отсто од кандидатите за пратеници“, истакна Карина Одебринк, којашто ја предводеше делегацијата на ПС на ОБСЕ. „Сепак, континуираниот политички ангажман и реформи се императив за да се зголеми застапеноста на жените на избраните и именуваните позиции и да се одговори на барањата и потребите на жените гласачи“.
Околу 1,8 милиони граѓани беа запишани за гласање на вчерашните избори. Јавната доверба во изборната администрација беше генерално висока, а обуката за изборните службеници беше сеопфатна, иако едукацијата на гласачите остана ограничена. Денот на изборите беше генерално мирен и набљудувачите го оценија позитивно во целина. Процедурите за гласање во голема мера се почитуваа, но во голем број случаи избирачките одбори не ги почитуваа во целост процедурите во текот на пребројувањето на гласовите.
„Би сакале да ја пофалиме добро завршената работа од голем број посветени жени и мажи од избирачките одбори, коишто покажаа колку добро се обучени“, истакна Леополдо Лопез Гил, шефот на делегацијата на ЕП. „Тие придонесоа кон уредното и мирно одвивање на изборниот процес и дадоа пример за граѓански ангажман“.
Медиумскиот пејзаж во Северна Македонија е разновиден и слободата на медиумите во голема мера се почитува. Во текот на целиот период на кампањата, медиумите генерално обезбедуваа покривање на сите кандидати, со тоа што некои канали фаворизираа одредени листи на кандидати. Телевизиските дебати помогнаа во информирањето на гласачите пред денот на изборите. Истовремено, беше истакната потребата од понатамошни реформи во медиумскиот сектор.
„Овие избори беа конкурентни и добро спроведени, особено ако се земе предвид предизвикот да се организираат два различни избори во исто време“, рече Џилијан Стирк, којашто ја предводеше набљудувачката мисија за изборите на ОДИХР. „Но, негативната реторика и сè понационалистичкиот призвук на некои партии и кандидати беа крајно загрижувачки, а корисно за кампањата ќе беше и доколку беше обезбеден подетален надзор. Се надеваме дека во иднина, Северна Македонија ќе продолжи да ја зајакнува својата демократија, а ОДИХР останува подготвена да обезбеди поддршка за овие напори“.
Меѓународното набљудување на изборите во првиот круг од претседателските избори во Северна Македонија вклучуваше вкупно 344 набљудувачи од 42 земји, составени од 238 експерти, долгорочни и краткорочни набљудувачи распоредени од ОДИХР, 72 од ПС на ОБСЕ, 23 од ПССЕ и 11 од ЕП.
За повеќе информации, ве молиме контактирајте со:
Катја Андруш, ОДИХР: +48 609 522 266 или katya.andrusz@odihr.pl
Анжелика Иванишчева, ПС на ОБСЕ: + 45 60 10 80 30 или anzhelika.ivanishcheva@oscepa.dk
Богдан Торкаториу, ПССЕ: Bogdan.TORCATORIU@coe.int
Рафаеле Луиз, ЕП: +32 470952199 или raffaele.luise@europarl.europa.eu