И покрај празнините во законската рамка, темелните слободи беа почитувани во непристрасно администрираниот референдум, изјавија меѓународните набљудувачи во Скопје
СКОПЈЕ, 1 октомври 2018 – Иако законската рамка не ги покри доволно сите аспекти на процесот, референдумот од 30 септември во поранешната југословенска Република Македонија беше администриран непристрасно, а темелните слободи беа почитувани, заклучија меѓународните набљудувачи во нивната денешна изјава. Тоа што немаше организирана кампања „Против“ или за бојкот, значеше дека за медиумите беше тешко да обезбедат балансирано покривање, иако тие за гласачите пренесуваа опсежни информации и спектар разновидни гледишта.
Гласачите беа прашани „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?”, при што спроведувањето на договорот се сметаше за предуслов за интеграција во ЕУ и НАТО. До Уставниот суд беа поднесени три иницијативи за оспорување на одлуката на Собранието да се одржи референдумот и за формулацијата на прашањето, а сите беа отфрлени.
„Темелните слободи на собирање, здружување и изразување беа почитувани низ целиот процес, а, иако непостоењето на официјална кампања „Против“ значеше дека гледиштата на кампањата „За“ доминираа, медиумите обезбедија опсежни информации и широк спектар на мислења“, рече амбасадорот Јан Петерсен, шеф на мисијата на ОДИХР за набљудување на референдумот. „Државната изборна комисија донесе регулатива за да ги пополни празнините во правната рамка, што покрена прашања околу нејзините законски овластувања да го прави тоа.“
Иако властите вложија извесни напори да обезбедат јавни информации во врска со договорот, неговата содржина беше недоволно објаснета, се вели во изјавата. Собранието, првенствено преку владејачките партии, ја предводеше кампањата „За“, која содржеше и висок степен на ангажман на странски лидери и претставници на ЕУ, НАТО и Соединетите Американски Држави. Иако немаше активна кампања „Против“, коалиција од граѓански здруженија и две помали политички партии се залагаше за бојкот, преку митинзи и на социјалните медиуми, а често користејќи потпалувачка, националистичка реторика, рекоа набљудувачите.
„Доколку ги почитуваме оние кои одбраа да не гласаат, бездруго мораме да ги почитуваме и оние – над половина милион – кои сериозно го сфатија референдумот и одлучија да го дадат својот глас за иднината на земјата. Во оваа пригода, тие ја изразија својата волја во мирно опкружување“ - рече Штефан Шенах, шеф на делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа. „За во иднина, се надеваме дека прашањето на точноста на избирачките списоци ќе биде најпосле решено.”
ДИК го администрираше референдумот непристрасно и одржуваше ефикасни и колегијални јавни состаноци, иако на нив недостигаше суштествена дебата за клучни прашања, се вели во изјавата. Комисиите на пониско ниво генерално работеа професионално, а, и покрај некои мали неправилности, гласањето на денот на референдумот беше оценето позитивно на 98 проценти од избирачките места посетени од меѓународните набљудувачи .
Правилата за финансирање на кампањите не зборуваат за лимити на трошењето и им недостигаат јасни барања за поднесување финансиски извештаи за кампањите и за ревизија, или санкции во врска со тоа, рекоа набљудувачите. Владата распредели околу 1.3 милиони евра за Собранието, за трошоците на телевизиско рекламирање, но опозицијата тоа го одби, па се потроши само делот јавни средства наменет за кампањата „За“.
Законската рамка предвидува мониторинг од страна на меѓународни и граѓански набљудувачи. Предлагачот на референдумот – во овој случај Собранието - имаше право да именува свои претставници да набљудуваат на избирачките места, но тоа реши тоа да не го стори.
За натамошни информации, контактирајте со:
Томас Рајмер, ОБСЕ/ОДИХР +389 72 443 791 or +48 609 522 266, thomas.rymer@odihr.pl
Богдан Торкаториу, PACE, +33 6 50 39 29 40, bogdan.torcatoriu@coe.int