Локалните избори – ефикасно спроведени и изразено конкурентни, но натпреварувачкиот терен не секогаш беше рамен, забележуваат набљудувачите
СКОПЈЕ, 25 март 2013 – Локалните избори во поранешната југословенска Република Македонија беа изразено конкурентни и ефикасно спроведени, но пристрасното партиско медиумско покривање и мешањето на владините и партиските активности не секогаш овозможуваа терен за рамноправен натпревар помеѓу кандидатите, заклучија во денешната изјава меѓународните набљудувачи од Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) при ОБСЕ и од Конгресот на локални и регионални власти при Советот на Европа.
,,На овие избори кандидатите можеа слободно да ги водат своите кампањи и самата кампања беше активна,’’ изјави амбасадорот Герт-Хајнрих Аренс (од Германија), шеф на набљудувачката мисија за изборите на ОБСЕ/ОДИХР. ,,Во исто време до нашата мисија стигнаа уверливи наводи за заплашување на гласачите и злоупотреба на државните ресурси за време на кампањата.’’
,,Во гласачките места посетени од страна на набљудувачите на Конгресот, со мали исклучоци, изборите се одвиваа во правилен ред и мир, без поголеми инциденти,’’изјави Јури Ландберг (Естонија), шеф на делегацијата на Конгресот. ,,Постои загриженост во врска со состојбата со медиумите, не само во однос на овие избори, туку и пошироко. Плуралистички медиуми и новинари кои ќе можат да ја исполнат својата функција во општеството се витални за демократијата.’’
Правната изборна рамка е сеопфатна иако во иднина е потребно да се направат реформи во однос на недореченостите во Изборниот законик, се вели во изјавата. Државната изборна комисија работеше ефикасно и транспарентно и ги испочитува изборните рокови, но понекогаш гласаше по партиска или етничка линија што негативно се одрази на нејзината непристрасност и колегијалност.
Бришењето на 119.000 граѓани од Избирачкиот список пред изборите поради непоседување на биометриска лична карта или пасош беше поддржано од сите поголеми партии. Сепак приговори се поднесуваа и покрај зголемената доверба во точноста на избирачкиот список. Би било корисно процедурите за составување и ажурирање на списоците да подлежат на понатамошно подобрување.
Многу засегнати страни им рекоа на набљудувачите дека немаат доверба во процедурите за приговори и во судовите, и многу мал број на приговори беа поднесени до судовите. Неодостигот од јасна процедура за постапување по предизборните приговори од страна на Државната изборна комисија не им гарантира ефикасна постапка за жалителите.
Денот на избори беше мирен, иако беа забележани некои процедурални неправилности вклучувајќи случаи на групно гласање. Најголемиот број на набљудувани случаи на броење на гласови и на сумирање на резултати беше оценето позитивно.
За повеќе информации ве молиме обратете се до:
Томас Рајмер, ОБСЕ/ОДИХР, +389 72 209 788 или +48 609 522 266, thomas.rymer@odihr.pl
Рената Зикмунд, Конгрес на локални и регионални власти при Советот на Европа, +33 659 786 455, renate.zikmund@coe.int