Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Министерството за внатрешни работи го отворија реновираниот објект на полициската единица К9
СКОПЈЕ, 14 јуни 2023 година — Мисијата на ОБСЕ во Скопје денеска во скопски Хиподром, го отвори реновираниот административен објект на Единицата за службени кучиња (К9) на Северна Македонија. Мисијата помогна објектот да се опреми со модерна инфраструктура за ИТ надзор и обезбеди сигурносни системи за контрола на пристап во објектот за складирање оружје за овластен персонал. Овие заложби помагаат да се подобрат работните услови за полициските службеници, што ги прави подобро опремени да одговорат на новите закани и да овозможат ефикасно распоредување на полициските службени кучиња.
„Реновирањето на оваа локација е опиплив, ефективен и видлив доказ за тоа што стратешката соработка и дарежливата поддршка можат да испорачаат. Сакам да ја искористам оваа прилика да ја потенцирам важноста од градење на мрежи и соработка помеѓу сите инволвирани страни, кои придонесуваат за градење на довербата неопходна за успешноста на нашите заложби да го намалат ризикот од пролиферација и злоупотреба на мало и лесно оружје,“ рече Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски истакна како подобрените простории ќе придонесат за нивните заложби за градење на капацитетите.
„Проблематиката со контролата на малото и лесно оружје и муниција е од голема важност за сите нас од причина што токму овој проект придонесува кон јакнење на капацитетите на Министерството за внатрешни работи и етаблирање на нови знаења и вештини, зголемување на професионалноста на вработените, а со тоа и зголемена безбедност на граѓаните,“ истакна Спасовски.
Отворањето на новиот објект е дел од тековните заложби на Мисијата за намалување на ризикот од пролиферација на оружје и злоупотреба на мало и лесно оружје (МЛО). Ова вклучува зајакнување на оперативниот капацитет на Единицата за службени кучиња – К9 на Северна Македонија, со цел тие да бидат подобро опремени да идентификуваат МЛО на граничните премини и во земјата. Досегашните резултати од оваа иницијатива вклучуваат развој на стандардна оперативна процедура и прирачник за обука за работа со и грижа за полициски кучиња, како и донација на 14 специјални возила и три приколки за воспоставување на целосно функционална и агилна единица К9.
Оваа иницијатива беше овозможена преку вонбуџетско проектно финансирање од Белгија, Франција, Германија, Норвешка, Словачка, САД и Европската Унија.