Подобро образование за посветла иднина - Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Министерството за образование доделија грантови за училишта и граѓански организации
СКОПЈЕ, 8 јуни 2023 година — Мисијата на ОБСЕ во Скопје, заедно со Министерството за образование и наука, додели грантови на 14 училишта низ Северна Македонија кои ќе поддржат имплементација на заеднички наставни часови - часови на кои двајца наставници овозможуваат настава на два јазика, како начин за поттикнување на размената меѓу различните етнички заедници.
„Ова е почетокот на новиот заеднички потфат кој ќе се протега во текот на неколку години, што ќе донесе значајни и позитивни промени во јавните образовни институции и општините низ целата земја“, рече шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килијан Вал.
Огромниот одзив на повикот за аплицирање ја покажа широката амбиција училиштата да вложат додатен труд преку овие интегрирани часови да ја поттикнат етничката интеграција и разбирањето преку здружување со други еднојазични училишта. Во Куманово, на пример, ОУ „Фаик Коница“ од Слупчане кумановско е партнер со основното училиште „Магдалена Антонова“ кое се наоѓа на 13 километри оддалеченост. Партнерството на три основни училишта во Гази Баба, „Бане Крапчев“, „Наум Наумовски Борче“ и „25 Мај“ дава уште еден пример за волјата за заедничка работа и покрај географската оддалеченост.
Истакнувајќи го духот на соработка и партнерство во реализацијата на овој проект, министерот за образование и наука Јетон Шаќири рече: „Благодарен сум на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, која под раководство на амбасадорот Вал доби нов импулс, особено во однос на градењето мирна, безбедна и хармонична средина во училиштата“.
Мисијата, исто така, доделува пет грантови за граѓански организации (ГО) кои работат на зближување на децата и младите од различно етничко потекло. Еден таков грант се доделува на ГО „Сумнал“, која ќе ги искористи средствата за работа со училиштата во Битола за надминување на дискриминацијата врз ромската заедница преку серија уметнички работилници.
„Импресиониран сум од предложеното портфолио на активности. Гледам подготвеност, креативност и конкретна посветеност за унапредување на односите меѓу новите генерации“. изјави министерот Шаќири.
Грантовите се дел од долгорочната визија за поддршка на единството и интеграцијата низ целата земја.
Проектот „Градиме нови мостови“ ќе објави дополнителни повици за апликации за грантови на есен 2023 година.
„Уверени сме дека можеме позитивно да влијаеме врз животите на младите луѓе од различно потекло и да помогнеме да се создаде поинклузивна и попросперитетна иднина за сите во Северна Македонија“, заклучи амбасадорот Вал.