Верижниот ефект на судските одлагања
Задоцнетата правда е многу повеќе од одбиена правда – заедно со еродирање на довербата во судскиот систем и слабеење на социјалните врски, таа предизвикува верижна реакција која влијае на психичкото здравје на сите инволвирани страни. Тоа е товар за жртвите, сведоците и обвинетите, како и за заедницата како целина.
Психичко здравје
Одложувањата на судските процеси создаваат верижен ефект со далекусежни последици врз човековата психа. Во едно истражување е откриено дека кај обвинетите кои исчекуваат судење се појавуваат психосоматски симптоми како резултат на одлагањето, вклучувајќи анксиозност, чувство на беспомошност и песимизам за иднината. Во некои делови од светот, како регионот на Западен Балкан, лицата кои се во притвор се соочуваат со сурови услови како што се ограничените сместувачки капацитети и построги ограничувања од тие во затворите, што придонесува за зголемување на психичкиот товар. Во истражувањето исто така е забележано дека нарушувањето на нивното здравје е директно поврзано со должината на нивната вклученост во правните постапки. На овој начин, се поткопува принципот на „невиност се додека не е докажана вината“, бидејќи обвинетите претрпуваат долгогодишен надзор од јавноста, финансиска загуба и лична штета – долго пред да се донесе пресуда.
Во случаите од висок профил, пристрасното медиумско покривање ја влошува ситуацијата, со прикажување слики од обвинетите со лисици, што ја разгорува стигмата во општеството. Ваквите одлагања исто така ја доведуваат во прашање правичноста на правосудниот систем и создаваат долготрајна емоционална штета за сите инволвирани странки.
Попречување на рехабилитацијата
Целта на правосудниот систем не е само казната, туку и рехабилитацијата. Долгите одлагања може да ја загрозат можноста на обвинетите да изградат ефективна одбрана. Обвинетите, а особено оние што се наоѓаат во долготраен притвор, не се соочени само со правни ризици, туку и со загрозувања на нивниот приватен живот, како губење на работно место или приходи, домување и нарушени семејни односи. Ова може да влијае на нивните капацитети да бидат целосно вклучени во нивната одбрана, што е загрижувачки за правичноста и пропорционалноста на нивното судење и нивната евентуална реинтеграција како конструктивни член на општеството.
Еродирана правда
Системот кој не успева да ја заштити презумпцијата на невиност и непропорционално ги казнува индивидуите преку одлагањето ги ослабнува своите темелни принципи, како што се правичноста на постапките и рамноправноста. Овие одлагања не влијаат само на поединците, туку ја еродираат и јавната доверба во правосудството. Кога предметите се одолговлекуваат, јавноста може да ја изгуби довербата во способноста на системот навремено да испорачува правда, со што го зајакнува цинизмот и ја ослабнува социјалната кохезија. Правосудниот систем кој треба да го обнови редот, наместо тоа, станува извор на разочарување. Долгите кривични постапки без сомнение влијаат на жртвата и на обвинетиот, но исто така индиректно ја доведуваат во прашање јавната перцепција за правосудството. Конечно, одложената правда често се смета како неправда. Со тоа што случаите продолжуваат, јавноста го перципира правосудството како неспособно или без желба да испорача навремени и правични резултати, со што уште повеќе еродира целокупната доверба во институциите.
Регионалното набљудување на судењата како чекор кон правдата
Наодите на Регионалниот Проект за набљудување судски процеси укажуваат дека неефикасноста на правосудството не се однесува само на изолирани случаи, туку е дел од пошироки системски проблеми низ регионот на Западен Балкан. Податоците покажуваат дека процесирањето на предметите, особено на оние на сериозен и комплексен криминал, како и предметите на корупција, трае со години. Поточно, во 23 % од вкупно 320 предмети набљудувани во регионот, одлука била донесена по пет или повеќе години. Најчестите причини за одлагањето вклучуваат отсуство на обвинетиот или неговиот бранител (што е посебно проблематично во предметите со повеќе обвинети, каде одлагањето кое е причинето од еден обвинет негативно влијае врз постапката за сите), чести непродуктивни судења, презакажување на рочиштата и одлуки кои што се носат после законскиот предвидениот период.
Клучните реформи за решавање на правосудната неефикасност, како што детално е дискутирано во најновиот јавен извештај, вклучуваат подобрување на системите за управување со предметите надзор врз практиките, зголемување на ресурсите во правосудството, како и приоритетно решавање на заостанатите предмети. Критериумите за приоритет вклучуваат фокусирање на предметите кои траат најдолго, предметите со обвинети во притвор и предметите кои вклучуваат ранливи категории. Набљудувањето на судењата помага да се идентификуваат недостатоците и да се промовираат решенија за заштита на правата на обвинетите за обновување на довербата во системот. Она што се мери може и да се менаџира.
Заедно можеме да се избориме за правосуден систем, кој не само што ќе испорачува ефикасна и ефективна правда, но исто така ќе ги заштити правата на оние кои го очекуваат денот на нивното судење.