Мисијата на ОБСЕ во Скопје со поддршка на размената на најдобри практики за антидискриминација
СКОПЈЕ, 26 ноември 2015 година - Размената на најдобри практики во областа на промоција и заштита од дискриминација по различни основи, меѓу Комисијата за антидискриминација и организацијата Инфраструктура за еднаквост од Австрија, беше во фокусот на денешната конференција, која со поддршка на ОБСЕ, се одржа во Скопје.
Конференцијата понуди форум за дискусија за главните пречки при постигнување на родова еднаквост, како и за предизвиците во областа на заштита од дискриминација врз основа на попреченост, возраст и етничка припадност.
"Мисијата активно ги поддржува напорите во областа на антидискриминација, во согласност со Охридскиот рамковен договор, и долго време е единствената организација која нудеше мерки за градење на капацитетите во оваа област," рече Заменик-шефицата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Маријане Берец. "Ние, во соработка со сите релевантни институции, ќе продолжиме со нашите напори за зајакнување на националните механизми за антидискриминација."
Претседателот на Комисијата за заштита од дискриминација, Душко Миновски, рече: "Денешната дискусија придонесе за стекнување на нови знаења и идеи за промоција на концептот на еднаквост и недискриминација, со цел да се намали дискриминацијата во нашата земја, но, исто така, послужи и за споделување на нашите најдобри практики со колегите од Австрија. "
Конференцијата беше организирана од страна на Националната комисија за заштита од дискриминација, со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Австриското министерство за труд, социјални работи и заштита на потрошувачите, како и Австрискиот омбудсман за еднаков третман.