Генералниот секретар на ОБСЕ и ЕУ Kомесарот Хан ги охрабруваат политичките партии во поранешна југословенска република Македонија да се вклучат во политичкиот процес и да постигнат договор преку дијалог
ВИЕНА, 8 јуни 2015 година - Генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, и Комесарот на ЕУ за Европска соседска политика и проширување, Јоханес Хан, на средбата одржана на 6 јуни, со загриженост ги анализираа состојбите во поранешна југословенска република Македонија и разговараа за следните чекори потребни за брзо надминување на актуелните политички тензии.
Заниер му се заблагодари на Комесарот Хан за неговата улога во дијалогот помеѓу партиите фасилитиран од страна на ЕУ и истакна дека е од суштинско значење сите политички партии на конструктивен и транспарентен начин да останат ангажирани и посветени на започнатиот дијалог. Тој изрази надеж дека на следниот состанок во Брисел, на 10 јуни, страните ќе дојдат до решение за останатите точки.
Заниер и Хан се согласија дека одржувањето на предвремени избори до април 2016 година, како што беше договорено минатата недела од страна на лидерите на земјата, ќе биде важен чекор кон нормализација на состојбата. "Слободни и фер избори се од витално значење за зацврстување на демократските процеси во земјата," рече Заниер. "Очекувам дека Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) повторно ќе биде вклучена со полн капацитет во набљудување на изборите, особено во овој клучен период."
Истакнувајќи дека конечниот извештај на ОДИХР за набљудување на предвремените парламентарни избори во 2014 година посочи на голем број недостатоци, Заниер подвлече дека е потребно надлежните институции во земјата целосно и итно да ги спроведат препораките на ОДИХР за изборниот процес.
Поздравувајќи го прелиминарниот договор постигнат од страна на политичките партии на 2 јуни, Заниер рече: "Политичките лидери демонстрираа подготвеност за решавање на отворените прашања, а јас ги охрабрувам да дојдат до договор за надминување на актуелната криза."