Претседателските избори во Северна Македонија добро спроведени, но на законската рамка сѐ уште ѝ треба подобрување, велат меѓународните набљудувачи
СКОПЈЕ, 22 април 2019 – Неделните претседателски избори во Северна Македонија беа спроведени добро, фундаменталните слободи на собир и изразување беа почитувани и денот на изборите беше мирен, уреден и транспарентен. Меѓутоа, сѐ уште има голема потреба од широка изборна реформа, заклучија меѓународните набљудувачи во првичните наоди и заклучоци соопштени денес.
„Овие мирни, генерално добро организирани избори, покажаа дека може да се изнајде политичка волја за одржување демократски избори,” рече Серин Моборн, специјална координаторка и предводничка на краткорочната набљудувачка мисија на ОБСЕ. „Овој конструктивен пристап мора да се задржи и во вториот круг, како и во иднина. Искрено се надевам дека по изборите ќе биде вложен вистински труд за усвојување на кохерентно изборно законодавство и конечно да се решат долгорочните предизвици.“
Околу 1.8 милиони гласачи со право на глас имаа право да гласаат во 3.396 гласачки места во целата земја. Меѓутоа, автоматското исклучување на гласачите поради истеченост на идентификациските документи создаде неразумна пречка која опфати околу 11.000 граѓани. Иако беше забележана зголемена точност на избирачкиот список, треба да се посвети внимание на недоследностите помеѓу државните бази на податоци и различните формати на податоците.
„Вчерашните избори беа добро организирани и гласачите кои учествуваа на изборите можеа слободно да го направат својот избор,“ рече Мари-Кристин Дало, шефица на делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ). „Делегацијата жали што излезноста беше мала за претседателски избори. Зрело функционирање на политичкиот систем и реформа на изборната легислатива повторно ќе ги заинтересира граѓаните и ќе обезбеди нивно активно учество во изборот на шефот на државата. Парламентарното собрание на Советот на Европа и Венецијанската комисија се подготвени да им помогнат на властите на Северна Македонија во спроведувањето на реформите.“
Кампањата се одвиваше во мирна атмосфера, во која сите учесници можеа слободно да водат кампања, со почитување на основните слободи. Државните претставници внимаваа да ја задржат јасната одвоеност меѓу службените и политичките активности и да избегнуваат користење на државните ресурси во кампањата.
„Ни беше драго да видиме кампања во која се расправаше за суштински проблеми, со кандидати кои се вклучуваа во дебати за нивните визии за иднината на Северна Македонија“, рече Рајнхолд Лопатка, шеф на парламентарната делегација на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ). „Сите тројца кандидати јасно се залагаа за понатамошна европска интеграција. Која иднина и да ја изберат луѓето овде, демократските избори ќе бидат суштински. Јасната внимателност на државните претставници да не ги мешаат политичките и службените активности е значен напредок, кој помага во изедначувањето на полето за натпревар меѓу кандидатите. “
Изборната администрација ја спроведе својата работа професионално и ја уживаше довербата од повеќето засегнати страни. Меѓутоа, транспарентноста и ефикасноста на ДИК беше отежната од технички неисправности на нивните информациски и комуникациски системи, што предизвика сомнеж за безбедноста на информациската технологија.
Мониторингот на медиумите од страна на ОДИХР утврди дека, во целина, медиумите непристрасно известуваа и презентираа разновидни информации за кандидатите и политичките партии од кои се поддржани и им помогнаа на граѓаните да се информираат пред да го направат изборот. И јавните и другите радиодифузери опсежно ја покриваа кампањата, главно неутрално, додека на онлајн и печатените медиуми понекогаш им недостигаше баланс во известувањето.
И понатаму има забелешки за законската рамка. Иако законот дозволува демократски услови, изборниот законик не е скроен за потребите на претседателската трка. Поради отсуство на експлицитни кампањски правила за кандидатите, делови од кампањата се спроведуваа врз основа на меѓупартиски договори кои не обезбедија еднакви можности за сите кандидати.
„Изборите се спроведоа непречено и тоа покажува колку може да се постигне кога постои вистинска политичка волја“ рече Корин Јонкер, шефица на набљудувачката мисија на изборите на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски инситуции и човекови права. „Се надевам дека и националните власти и политичките партии ќе продолжат да работат во овој дух. Изборните реформи кои ОДИХР претходно ги препорачуваше треба да се завршат, со акцент на транспарентноста и отчетноста за финансирањето на кампањите.“
Недоволно воедначеното известување за потрошувачката на кандидатите, регулирањето на кампањските активности на трети лица и известувањето од страна на политичките партии кои ги поддржуваа кандидатите ја намали и транспарентноста на финансирањето на кампањата и ефективноста на надзорот.
Меѓународната мисија за набљудување на избори се состои од 240 набљудувачи од 38 земји, меѓу кои и 189 долгорочни и краткорочни набљудувачи ангажирани од ОДИХР, 39 парламентарци и персонал од ПС на ОБСЕ и 12 од ПССЕ.
За повеќе информации, обратете се на:
Андреас Бејкер, ПС на ОБСЕ +389 70 636 321 или +45 601 08126, andreas@oscepa.dk
Катја Андруш, ОДИХР +389 72 807 826 или +48 725 880 257, katya.andrusz@odihr.pl
Шемавон Шахбазјан, Секретаријат на ПССЕ +389 70 636 302 или +33 6 50 68 76 55, Chemavon.Chahbazian@coe.int