ОДИХР започнува набљудувачка мисија за избори во Северна Македонија
СКОПЈЕ, 7 септември 2020 г. - Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) денеска започна набљудувачка мисија за избори (НМИ) за локалните избори во Северна Македонија на 17 октомври, по покана од државните власти.
Мисијата ја предводи Тана де Зулуета и се состои од основен тим од 13 стручни лица со седиште во Скопје и 20 долгорочни набљудувачи, кои ќе бидат распоредени во земјата од 15 септември. ОДИХР планира и да побара од земјите-учеснички на ОБСЕ да пратат 250 краткорочни набљудувачи, кои би пристигнале неколку дена пред денот на изборите.
Со мисијата ќе се процени дали изборите се одржуваат согласно заложбите на ОБСЕ и другите меѓународни обврски и стандарди за демократски избори, како и националното законодавство. Набљудувачите одблизу ќе ги испитаат клучните елементи на изборите, како што е регистрацијата на гласачите, регистрацијата на кандидатите, активностите во кампањата и нивното финансирање, работата на изборната администрација и релевантните владини органи, законодавството поврзано со изборите и неговото спроведување, како и решавање на споровите поврзани со изборите. Со мисијата ќе се следи и начинот на кој медиумите ја покриваат кампањата.
Се планираат и состаноци со претставниците на власта, политичките партии, граѓанското општество, медиумите и меѓународната заедница. Мисијата на ОДИХР ќе оствари тесна соработка со здравствените власти на Северна Македонија и ќе се придржува до сите правила што ги воспоставиле.
Во текот на набљудувањето ќе биде објавен периодичен извештај за да се ажурираат јавноста и медиумите. ОДИХР ќе ги претстави прелиминарните наоди и заклучоци на прес конференција денот по изборите, а ќе го објави конечниот извештај за набљудувањето, заедно со потенцијалните препораки, приближно два месеци по крајот на изборниот процес.
Набљудувачката мисија за избори на ОДИХР и Мисијата на ОБСЕ во Скопје работат одделно и независно, секој со својот мандат.
За дополнителни информации за активностите на ОДИХР поврзани со набљудувањето на изборите во Северна Македонија, посетете го: https://www.osce.org/odihr/elections/north-macedonia
Контакти за медиумите:
Кира Калинина, медиумски аналитичар: kira.kalinina@odihr.mk или +389 72 443 698,
или
Катја Андрус, портпарол на ОДИХР: katya.andrusz@odihr.pl или +48 609 522 266