ОБСЕ/ОДИХР ја започнува набљудувачката мисија за предвремените парламентарни избори во поранешната југословенска Република Македонија
СКОПЈЕ, 31 март, 2016 г. – Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) денес официјално ја започнува Набљудувачката мисија за избори (НМИ) за предвремените парламентарни избори во поранешната југословенска Република Македонија, закажани за 5 јуни. Воспоставувањето на Мисијата е на покана на државните власти.
Мисијата е предводена од амбасадорот Јан Петерсен и се состои од главен тим од 12 експерти, со седиште во Скопје, и 24 долгорочни набљудувачи, кои ќе бидат распоредени низ целата земја, во тимови по двајца, започнувајќи од 13 април. Дополнително, ОДИХР ќе побара земјите-членки на ОБСЕ-ОДИХР да обезбедат 300 краткорочни набљудувачи. Краткорочните набљудувачи ќе пристигнат неколку дена пред денот на изборите.
Мисијата ќе ја оценува усогласеноста на овие избори со заложбите на ОБСЕ и другите меѓународни обврски и стандарди за демократски избори, како и со домашните прописи. Набљудувачите внимателно ќе ги следат регистрацијата на кандидатите и гласачите, активностите во кампањата, работата на изборната администрација и соодветните владини институции, изборната регулатива и нејзината имплементација и решавањето на изборните спорови. Како дел од набљудувањето, Мисијата исто такаќе го следи и известувањето на медиумите за кампањата.
Во текот на набљудувањето, Мисијата ќе оствари средби со претставници на државните власти, политичките партии и кандидатите, и со претставници на граѓанскиот сектор, медиумите и меѓународната заедница.
На денот на изборите набљудувачите ќе го следат отворањето на гласачките места, гласањето, пребројувањето на гласачките ливчиња и сумирањето на резултатите. На денот на изборите, Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР ќе ги здружи своите напори со делегациите на Парламентарното собрание (ПС на ОБСЕ) и Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ).
Мисијата ќе објави два периодични извештаи во текот на својата работа. На прес-конференција, на денот по изборите, ќе биде објавена изјава за првичните наоди и заклучоци. ОДИХР ќе објави конечен извештај за набљудувањето околу осум недели по завршувањето на изборниот процес.
Набљудувачката мисија за избори на ОБСЕ/ОДИХР и Мисијата на ОБСЕ во Скопје функционираат одделно и независно, согласно своите мандати.
За повеќе информации посетете го //www.osce.org/odihr/elections/fyrom/204446, или обратете се до Егор Тилпунов, медиумски аналитичар, на тел. +389 2 3222 558 (Канцеларија во Скопје) или на +389 72 422 746 (мобилен во Скопје), или на egor.tilpunov@odihr.mk.
или
Томас Рајмер, портпарол на ОБСЕ/ОДИХР, на тел. +48 609 522 266 (во Варшава), или на thomas.rymer@odihr.pl.