Вториот круг од локалните избори беше ефикасно спроведен и изразено конкурентен, но останува недостигот од рамноправен терен за натпревар, велат набљудувачите
Скопје, 8 април 2013 – Како и првиот круг од изборите, вториот круг од локалните избори во поранешната југословенска Република Македонија беше ефикасно спроведен и високо конкурентен, но пристрасното и партиско медиумско покривање и мешањето на владините и партиските активности доведоа, повторно, до нерамноправен терен за натпревар меѓу кандидатите, заклучија меѓународните набљудувачи на Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) при ОБСЕ во денешната изјава.
,,Во вториот круг од изборите, кандидатите можеа воглавно слободно да ги водат своите кампањи,’’ рече Амбасадорот Герт-Хинрих Аренс, шеф на Набљудувачката мисија за изборите на ОБСЕ/ОДИХР. ,,Во исто време, во нашата мисија продолжија да пристигнуваат наводи за заплашување на гласачи и злоупотреба на државни ресурси.’’
Во правната изборна рамка недостигаат детали за клучни прашања околу вториот круг на локалните избори, што остава простор за продолжување со реформите, се вели во изјавата. Државната изборна комисија продолжи да работи транспарентно и ги испочитува изборните рокови, но се наруши колегијалноста за време на разгледувањето на приговори поради одлуките донесени првенствено врз основа на партиската припадност.
По првиот круг на гласање, се јави зголемена загриженост за точноста на избирачкиот список. Државната изборна комисија не дозволи некои граѓани да гласаат во вториот круг поради прашања кои се однесуваат на нивното живеалиште, и покрај тоа што беа запишани во избирачкиот список.
Денот на избори беше мирен, процедурите беа во голем дел почитувани, иако повторно беа забележани случаи на групно гласање.
За повеќе информации ве молиме обратете се до:
Лорен Барановска, ОБСЕ/ОДИХР, + 389 70 359 082 или + 48 659 916 998, lauren.baranowska@odihr.pl