Закони за жени и мажи: практичен водич за родово-сензитивно законодавство
Публикацијата „Закони за жени и мажи: практичен водич за родово-сензитивно законодавство“, објавена од страна на ОДИХР, го разгледува законодавниот процес како клучна почетна точка за вклучување на родовите аспекти, истовремено земајќи го во предвид директното и суштинско влијание на законите врз животите на луѓето. Водичот првенствено е наменет за членовите на парламентот и вработените во парламентарните служби, а негова цел е да понуди практични насоки за родово-сензитивно законодавство, зошто е тоа важно, од што е сочинето и како истото може да се интегрира во секојдневното работење на парламентот.
Публикацијата обезбедува насоки чекор по чекор за спроведување на родово-сензитивно законодавство. Таа вклучува и препораки за спроведување на родова анализа во даден сектор, за проценка на влијанието на родот врз конкретни закони, за интегрирање на родово фокусирани активности во новите правни акти и за воспоставување на родово-сензитивни индикатори кои го олеснуваат процесот на следење на примената на законот.
Публикацијата воедно ги разгледува и дел од главните принципи на родово-сензитивната буџетска анализа, клучна компонента на секој успешен родово-сензитивен законодавен процес. Најпосле, Водичот на читателите им овозможува алатка за само-оценување со помош на која ќе можат да се раководат низ различните фази на законодавниот процес од родова перспектива.
Ставовите, мислењата, заклучоците и останатите информации изразени во овој документ, не мора да го изразуваат ставот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), освен доколку не е експлицитно наведено дека ОБСЕ е автор на документот.