Првиот преоден извештај за работата на Специјалното јавно обвинителство презентиран во Скопје
Скопје, 29 август 2018 – Првиот преоден извештај на Мисијата на ОБСЕ во Скопје за активностите и предметите на Специјалното јавно обвинителство дава детална анализа и препораки за работата на Обвинителството, потенцирајќи ги предизвиците и постигнатите успеси.
Извештајот е резултат на следењето на случаите на СЈО од страна на Мисијата, со фокус пред сè на 20 случаи во кои СЈО поднесе обвиненија до крајот на законскиот рок,30 јуни 2017 година.
За време на презентацијата на извештајот, в.д. шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џеф Голдстајн, рече дека следењето на судењата на важните случаи се покажа како ефективна алатка за промовирање на спроведувањето на домашните и меѓународните стандарди за правично судење и поддршка за реформите во судството.
„Присуството на набљудувачи во судницата често води кон подобро придржување кон меѓународните стандарди за човекови права“, рече Голдстајн. „Ние исто така веруваме дека препораките на набљудувачите би можеле да придонесат за подобрување на правниот систем“.
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева рече: „Овој проект е од особено значење за нас затоа што за првпат ни дава детална слика на целиот процес, почнувајќи од основањето на Обвинителството. Во него се прикажани фазите на градење на институцијата преку завршената работа и постигнатите резултати, предизвиците и пречките со кои се соочува“.
Јанева додаде дека извештајот исто така го зајакнува СЈО и неговата заложба да продолжи: „Нашата цел е да ja завршиме мисијата која ни е доверена, справувајќи се со неказнивоста и поддршка на владеењето на правото", рече Јанева.
Извештајот, достапен на интернет тука е дел од проектот финансиран преку дополнителен буџет овозможен од страна на Кралството Холандија и Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законот при Американскиот Стејт департмент.