Безбедноста на новинарите за време на настани со висок ризик во фокусот на работилницата со новинари и полициски службеници организирана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Министерството за внатрешни работи и Здружението на новинари
СКОПЈЕ, 12 јуни 2018 - Подобрувањето на безбедноста на новинарите за време на настани со висок ризик, беше во фокусот на работилницата поддржана ОБСЕ, која се одржа денес во Скопје и на која присуствуваа околу 20 новинари и полициски службеници.
Работилницата заеднички од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Министерството за внатрешни работи и Здружението на новинари (ЗНМ), е шеста од серијата работилници одржани во градовите низ целата земја. Целта е да се идентификуваат, анализираат и надминат проблемите во комуникацијата меѓу полициските службеници и новинарите, да се зајакне нивната соработка за време на настани од висок ризик и да се зголеми довербата меѓу нив.
„Научивме една многу важна работа во текот на овие работилници, а тоа е дека отворениот дијалог меѓу полицајците и новинарите е можен и многу корисен за двете групи, како и за јавноста на која и едните и другите ѝ служат,“ рече в.д. шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џеф Голдстајн. „Новинарите мора да имаат услови да ја вршат својата работа во безбедна и поволна средина.“
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, рече дека нема оправдување за нападите врз новинарите. „Ставот на владата е јасен и постојано го повторуваме: нула толеранција за било каков обид за загрозување на слободата на говорот и изразувањето. Секој напад врз новинарите ќе биде најостро осуден и санкциониран.“
Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, рече: „Силно веруваме дека новинарите се важен елемент во функционирањето на демократските процеси во државата. Тие имаат право да работат во амбиент без притисоци и закани. Нивната мисија за информирање на граѓаните и барање отчетност од секоја влада нема да биде успешна ако работат под страв и несигурност.“
Работилниците за подобрување на безбедноста на новинарите за време на настани со висок ризик организирани во Скопје, Тетово, Охрид, Куманово, Струмица и Штип се дел од проектот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје кој има за цел да ја подобри слободата на медиумите и слободата на изразување во земјата.