Сеопфатен пристап на целото општество е клучен за борба против насилниот екстремизам и радикализација кои водат кон тероризам, подвлекуваат учесниците во симулациската вежба
Скопје, 7 ноември 2017 - Сеопфатен пристап за спречување и борба против насилниот екстремизам и радикализација кои водат кон тероризам е во фокусот на симулациската вежба која се одржува во Скопје од 7 до 9 ноември, организирана заеднички од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Амбасадата на САД и Конзорциумот Партнерство за мир, во соработка со Канцеларијата на Националниот комитет за борба против насилниот екстремизам и борба против тероризмот.
Вежбата, насловена како „Странски терористички борци: промовирање превенција и отпорност", има за цел да го зајакне и подобри сеопфатниот пристап на општеството во земјата за борба против тероризмот и ширењето на насилниот екстремизам и радикализација кои водат кон тероризам, како и за зголемување на регионалната соработка.
“Заедничките искуства покажуваат дека ниту една држава не може сама да одговори на глобалната опасност од радикалниот екстремизам и тероризам,” рече премиерот Зоран Заев, кој им се обрати на учесниците на отворањето на вежбата “За ефикасна превенција и сузбивање на овие феномени неопходна е координирана акција и градење на заедничка безбедносна стратегија за справување со предизвиците.”
„Насилниот екстремизам и радикализација кои водат кон тероризам е закана со која се соочуваат сите земји-членки и партнери на ОБСЕ”, рече шефицата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Нина Суомалаинен во своето обраќање. Образованието, пораките и иницијативите за ангажирање на заедницата се важни, но тие мора да бидат дел од еден стратешки и сеопфатен пристап за да бидат успешни.”
„Додека тероризмот стана глобално прашање, искуството нè учи дека тоа треба да се решава на локално ниво”, рече амбасадорот на САД, Џес Л. Бејли, „Вашите согледувања и идеи и вашето разбирање на локалниот контекст и културата ќе доведат до најдобри пристапи за спречување на ширењето на насилниот екстремизам во оваа земја. Практичните активности, на ниво на заедницата, се најдобриот начин за напредок.”
Во текот на вежбата, повеќе од 100 домашни, регионални и меѓународни експерти за борба против тероризмот, водачи на заедниците, членови на граѓанското општество и претставници на верските заедници, академијата и медиумите ќе дискутираат за тоа како земјата и регионот можат да се справат со безбедносните предизвици што ги поставуваат странските терористички борци и ќе разгледуваат национални и регионални пристапи и одговори кон овој феномен.
Во 2014 година, Министерскиот совет на ОБСЕ ја усвои Декларацијата за улогата на ОБСЕ во борбата против феноменот на странски терористички борци во контекст на имплементацијата на Резолуциите 2170 (2014) и 2178 (2014) на Советот за безбедност на ОН.