Регионална конференција за изнаоѓање решенија за нерегистрирани лица од ромска припадност започнува во Скопје
СКОПЈЕ, 1 ноември 2017 – Инклузијата на лицата без документи од ромска припадност беше во фокусот на регионалната конференција која се одржа во Скопје на 1 ноември 2017 г. На конференцијата, функционери и претставници на граѓанското општество од земјата и од регионот дискутираа и разменија најдобри практики на темата.
Во текот на настанот, во организација на Министерството за труд и социјална политика, во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, учесниците дискутираа за законските измени и потребните пристапи за изнаоѓање системски решенија за прашањата во врска со нерегистрираните Роми, како и за начините за зајакнување на соработката по ова прашање на регионално ниво.
„Ромската заедница е една од најранливите и обесправени малцински групи во Европа. Многумина и натаму се соочуваат со дискриминација, имаат ограничен пристап до основните права и услуги и не се пропорционално застапени во јавниот и политичкиот живот. Нашата Мисија ги поддржува националните власти во напорите за промовирање на еднакви можности за ромската заедница и заштита на нивните човекови права”, рече заменик шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Џеф Голдстајн.
Заменик министерот за труд и социјална политика, Елми Азири, додаде: „Државните власти, граѓанското општество и меѓународните организации сметаат дека на ова прашање итно му се потребни решенија за обезбедување државјанство за лицата од ромската заедница како и овозможување заштита на оние немаат државјанство. Сите инволвирани страни треба да работат заедно за постигнување на оваа заедничка цел.“
Извештајот од 2013 г. за пристап до граѓанска документација и регистрација во Југоисточна Европа: Напредок и преостанати предизвици по Загрепската декларација од 2011, поддржан од ОБСЕ, УНХЦР и Европската Комисија, покажува дека 905 лица во земјата имаат проблем со пристапот кон граѓанската регистрација и имаат неопределено државјанство.