Работилница на ОБСЕ за политичко учество на лица со попреченост во Скопје
Промовирање на учеството на лицата со попреченост во политичкиот и јавниот живот беше фокусот на работилницата организирана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје која се одржа на 28 септември 2017 во Скопје.
На работилницата, организирана во соработка со Интерпартиската парламентарна група за лица со попреченост, се разгледуваа предизвиците со кои лицата со попреченост се соочуваат при остварувањето на своите демократски права, меѓу кои и правото да се избира и да се биде избран.
„Политичкото учество на лицата со попреченост не е ништо друго освен дел од општите човекови права и слободи. Притоа, не мислам само на правото да избираш и да бидеш избран, туку многу пошироко - активно учество на овие наши сограѓани во креирањето и реализирањето на најразличните политики,“ рече Претседателот на Собранието, Тaлат Џафери.
Гонзало де Чезаре, Шеф на Одделот човекова димензија во Мисијата на ОБСЕ во Скопје рече: „Денес, претставници на владиниот и невладиниот сектор, вклучувајќи ги организациите за правата на лицата со попреченост, имаа ретка можност да дискутираат за различните пречки кои стојат на патот на лицата со попреченост во спроведување на нивните политички права. Начелото на недискриминација нѐ потсетува дека животот без дискриминација е фундаментално право на сите луѓе.“
„Слоганот “Ништо за нас - без нас“ совршено го изразува ова право, а особено правото на лицата со посебни потреби на политичко учество, рече тој. "Мисијата на ОБСЕ во Скопје го прифати овој слоган во својата работа".
„Сведоци сме на време кога лицата со попреченост се исклучени од јавниот и политичкиот живот. Во изминативе години на независност на земјата, ниту едно лице со попреченост не беше избрано за градоначалник, пратеник или министер. Целосно инклузивен политички процес, со активна вклученост и учество на лицата со попреченост во политичкиот и јавниот живот не е придобивка само за заедницата на лицата со попреченост, туку придобивка за целото општество“, рече Елена Кочоска, активист за правата на лицата со попреченост.
Дискусијата помогна во идентификувањето на конкретни предизвици во промовирањето на политичкото учество на лицата со попреченост и понуди идеи за конкретна акција кои може да дадат позитивни резултати во национален контекст.