Високиот комесар Торс во Скопје: за стабилност е потребно итно продолжување на демократските и политичките процеси
Скопје, 15 мај 2015 - Високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства, Астрид Торс, на 14 мај го посети Скопје, заедно со специјалниот претставник за Западен Балкан на претседавачот со ОБСЕ, Амбасадорот Жерар Студман и Амбасадорот Дејан Шаховиќ, Раководител на работната група на претседавачот. На 15 мај, Торс ги продолжи нејзините средби во Скопје и Тетово со цел да направи независна проценка на ситуацијата, согласно нејзиниот мандат.
За време на нејзината посета во февруари, Торс веќе предупреди за можната злоупотреба на политичката криза што може да предизвика меѓуетнички тензии (//www.osce.org/hcnm/141506) . Исто така, таа истакна дека неуспехот целосно да се гарантира доброто владеење и владеењето на правото, може да го остави општеството подложно на политичка инструментализација.
Неодамнешните трагични настани во Куманово, кои што допрва треба да се разјаснат, го зголемија стравувањето за враќање на насилството од минатото. Високиот комесар го пофали месното население од сите етнички заедници, за покажаното единство и заложбата за мирна разрешница. Таа ги повика сите политички партии да се воздржат од какви било активности кои што би можеле да ја загрозат оваа солидарност.
Граѓаните повикаа за правда и за општество без насилство. Високиот комесар ги повикува сите политички лидери да ги исполнат нивните барања. Торс додаде дека актуелната политичка криза во земјата мора да се реши на начин што ќе гарантира враќање на довербата во функционирањето на демократските институции, при тоа додавајќи дека "избрзаните решенија не се опција, ниту за правдата, ниту за долгорочната стабилност."
Таа ја повика меѓународната заедница да ја даде својата поддршка во политичкиот процес со кој би се избегнало повторното отворање на старите меѓуетнички проблеми во земјата и би се обезбедила стабилноста на регионот.
Торс за време на нејзината посета се сретна со лидерите на владината коалиција, како и со претставниците од опозицијата и од граѓанското општество.