Претседавачот на ОБСЕ Моаверо и генералниот секретар Гремингер го поздравуваат историскиот договор меѓу Атина и Скопје
РИМ/ВИЕНА - Претседавачот на ОБСЕ, италијанскиот министер за надворешни работи Енцо Моаверо Миланези и генералниот секретар на ОБСЕ, Томас Гремингер, го поздравија најавениот договор меѓу Атина и Скопје за решавање на проблемот со името, како голем чекор кон зајакнување на регионалната стабилност.
„Честитки до премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев за нивното лидерство и посветеност на овој процес кој е важен за двете земји, за Југоисточна Европа и за Европа во целост“, рече претседавачот Моаверо. „Ова е единствена можност којашто мора да се искористи и понатаму да се надградува.“
Генералниот секретар Гремингер ја нагласи важноста на дијалогот и компромисот во овој процес.
„Овој историски договор сега може да води кон долгорочно решение во корист на сите граѓани и на целиот регион.“
Генералниот секретар исто така изрази благодарност до Организацијата на обединетите нации, која посредуваше за решавање на спорот повеќе од 25 години.